Куќата на Перистерија се наоѓа во центарот на градот и од сите четири страни е заградена со улици. Најголемиот дел е откриен во 1933 – 34 година, додека во 1965 – 66, 1971, 2001 и 2005 година се изведени помали археолошки ископувања во одредени делови.
Куќата е всушност комплекс од простории со станбен и стопански карактер и имала најмалку два спрата на што упатуваат откриените скали. Југоисточната половина е репрезентативниот дел на градбата. Тука се сместени перистил, два триклиниума (трпезарии), бања, голем двор и неколку помали простории.
Перистилот е опкружен со повеќе столбови и е поплочен со песочник. На северозападниот крај има базен заграден со плочи од кои централната е фрагмент од надгробна стела од II - III век со претстава на четиричлено семејство.
Двата триклиниума се наоѓаат југозападно од перистилот. Западниот триклиниум има подно ниво од песочник додека источниот има мозаичен под со фонтана на средината. Мозаикот е поделен во повеќе полиња кои имаат геометриски мотиви, водни животни и претстави со христијанска конотација. Во едно од полињата се наоѓа натпис каде се споменуваат имињата на четири личности од кои двајца имаат презиме Перистерија. На мозаикот во јужниот брод од новата епископска базилика исто така се среќава името Перистерија. Според мозаикот во триклиниумот, куќата на Перистерија е датирана во V век н.е.
Во јужниот агол на градбата се простира голем двор под чиешто подно ниво се откриени постари ѕидови од Ι – II век н.е. и гробови од ΙΙΙ – ΙΙ век п.н.е.
Северозападната половина од куќата има многубројни мали простории организирани околу два двора. Кај овие простории се забележуваат многубројни преградби. Во помалиот двор е откриена печка за керамика и керамички отпад околу неа.
Кликнете и влечете на фотографијата за поглед од 360° (Кликнете тука за зумирање и зголемување)