Базиликата се наоѓа на 2 км југозападно од Стоби, спроти селото Паликура. Откриена е во 1916 година од страна на германската војска, а ископувања се вршени и во 1954, 1970 и 1981 година.
Има трикорабна диспозиција и нартекс на западната страна. Корабите се одвоени со колонади од по пет столбови. Столбовите и нивните капители потекнуваат од постари градби и се реупотребени во изградбата на базиликата. Источно од градбата се откриени четири поврзани простории. Едната од нив има осумаголна форма и некои од истражувачите сметаат дека тоа е крстилница, а други мартириум.
Базиликата во Паликура е лоцирана на некогашниот пат кој водел кон Хераклеја Линкестис. Поради нејзината осамена положба и споредните простории се претпоставува дека е манастирски комплекс. Датирањето на објектот е спорно, но сите тези се движат во рамките од крајот на V до средината на VI век н.е.
Во доцната антика и во средниот век околу црквата постоеле гробишта.