Големата бања се наоѓа спроти Куќата на Перистерија од другата страна на улицата Via Pincipalis Superior. Истражувана е во 1931 – 32 година, а конзервирана е во 1960.
Во бањата се влегува од улицата Via Axia. Аподитериумот (соблекувалната) е најголемата простoрија и се наоѓа во западниот дел од градбата. Покрај ѕидовите има банкини на кои седеле посетителите, а целиот простор е поделен на два дела со аркада. Под подот на аподитеирумот е документирана постара градба со низа од мермерни столбови во која се откриени две скулптури. Едната е Венера со делфин, додека другата е почесна претстава на некој граѓанин од почетокот на III век.
Од аподитериумот се влегувало во фригидариумот (соба со ладна вода) и калдариумот (соба со топла вода). Калдариумот завршува со апсида на источниот крај и има пет ложишта распоредени од надворешната страна. Во внатрешноста се распоредени кади во кои имало топла и млака вода. Денес на површината е презентиран хипокаустниот систем за затоплување под подот на просторијата. Водата во калдариумот е донесувана преку водоводна линија поставена врз аркада.
Северно од калдариумот се наоѓаат двор и латрина (тоалет) под кои поминуваат одводните цевки.
Источно од калдариумот се наоѓа уште еден сегмент од бањата со полукружни базени за кој се смета дека е исто така фригидариум со оглед на тоа што отсуствува систем за затоплување.
Бањата е изградена на крајот од III век н.е.