Објектот се наоѓа северно од Епископската Базилика и е на многу пониско ниво. Во него се влегувало со спуштање преку скалите од улицата Via Principalis Superior. Од скалите води патека со колонади од двете страни која на средината формира полукружен простор. Од патеката се влегува во сите простории меѓу кои впечатлива е апсидалната просторија на источниот крај со под од песочни плочи.
Објектот е истражуван во 1934 и 1940 година, како и подоцна во 2001 година. Откриени се златен прстен со крст од алмандин и бронзена кадилница. Документирани се и остатоци од штуко декорација на ѕидовите. Близината на Епископската базилика и наодите со христијански симболи ги навело истражувачите да го именуваат објектот како Епископска Резиденција изградена кон крајот од IV век н.е. Подоцна, во VI век, на просторот биле изградени куќарки кои ги искористиле постарите ѕидови.