Театарот во Стоби е еден од најимпресивните објекти што некогаш биле изградени во овој град. Се наоѓа на јужната периферија од градот и за разлика од другите антички театри во Р. Македонија е изграден на блага падина или пак на рамна подлога. Седиштата се поставени врз претходно изградена конструкција од радијални и циркуларни ѕидови.

 

Театарот има 3 фази на градење односно функционирање. Првата фаза е недовршена, поточно кон крајот на I век од н.е. била поставена платформа за една поинаква сценска зграда која никогаш не била завршена. Концептот за градење бил сменет, а оваа платформа засипана со земја.

ТЕАТАР

Previous Next

Во средината на II век бил комплетно изграден театарот со гледалиштето и прекрасната сценска зграда. Неговиот репертоар го сочинувале гладијаторски и венаторски борби, мимички претстави и хорски изведби. Публиката влегувала во објектот преку влезовите од надворешната страна кои воделе во ходниците под гледалиштето од каде се стигнувало до мермерните седишта. Сeдиштата биле поставени во 33 – 35 реда поделени на два дела со централна патека (средна дијазома). Денес комплетно недостасува горната половина од гледалиштето, а единствено се забележуваат потпорните ѕидови. Капацитетот на театарот бил околу 7 600 гледачи. Интересно е тоа што на седиштата има врежани фамилијарни и индивидуални имиња така што реномираните граѓани на Стоби секогаш имале резервирани места. Гледачите од најниските редови до оркестрата биле заштитени со мрежа така што и денес се забележуваат дупките во седиштата за носачите на мрежата. Сценската зграда била висока околу 13 метри и имала фасада украсена со розеникави мермерни столбови поставени на два спрата.

 

Кон крајот на третиот век, театарот бил оштетeн од силен земјотрес, по што следеле поправки. Во оваа трета фаза мрежата на гледалиштето била заменета со заштитен ѕид, а оркестрата добила порти со заградувањето на пародосите. Пред сцената бил подигнат висок ѕид, a централната просторија во сценската зграда била преадаптирана во храм на Немеза.

 

На крајот од IV век театарот излегол од употреба и служел како извор за градежен материјал. Најголем дел од мермерните седишта биле употребени во новиот градски бедем како и во подоцнежните христијански базилики. Просторот на театарот бил место каде што се исфрлала земја од градежни активности така што во VI век на површината постоело ритче на кое биле изградени куќи.  

 

Театарот останал во заборав се до првите истражувања во периодот од 1924 до 1934 година. Потоа, кон крајот на 60 – тите, со механизација била расчистена оркестрата, а во периодот помеѓу 1970 и 1980 година биле преземени нови истражувања со што се корегирани претходните заклучоци. Од 2009 година се отпочнати систематски ископувања со цел комплетно истражување на театарот, негова конзервација и делумна реконструкција. 

       

Aрхеолошки лексикон

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026