Најрепрезентативниот резиденцијален објект на Стоби е сместен во центарот на градот помеѓу улиците Via Principalis Superior и Via Principalis Inferior. Името го добива по претпоставката дека императорот Теодосиј I престојувал во оваа палата при посетата на Стоби во 388 г. н.е.

 

Поделена е на два дела кои не комуницираат еден со друг и поради тоа некои истражувачи сметаат дека се две посебни куќи, при што јужниот дел се вика Куќа на Партениј. Името доаѓа од откриен печат со натпис „На Партениј“. Сепак доколку се земе во предвид дека палатата не е комплетно истражена и дека многу веројатно и т.н. „Затвор“ припаѓа на комплексот, тогаш сето заедно може да се нарече Тедосијанска Палата.

ТЕОДОСИЈАНСКА ПАЛАТА

Previous Next

Северниот дел е репрезентативниот сегмент на палатата. Околу голем отворен двор (перистил) опкружен со столбови, се распоредени неколку простории со мозаични подови. Коридорите околу дворот и внатрешноста на дворот, исто така се декорирани со мозаици. На крајот од перистилот е сместен базен над кој се издигнуваат ниши. Базенот бил ограден со плочи од црвеникав мермер, а во внатрешноста биле поставени мермерни постаменти. Постаментите и нишите биле украсени со скулптури. Во музејот во Белград се чуваат познатите бронзени сатири од Стоби, бронзени скулптури на Афродита, Аполон и Лар и мермерна глава на Серапис. Сите биле откриени во внатрешноста на базенот каде што се нашле по рушењето на палатата. Интересно е тоа што бронзените скулптури, како сатирите на пример, се од хеленистичко време (II век п.н.е.) додека палатата е изградена во IV век н.е. 

 

Јужниот дел од куќата исто така има перистил околу кој се распоредени неколку простории. Две од нив имаат мозаични подови. Една од собите во овој дел од палатата служела како складишен простор и во неа се откриени десетина питоси.

 

Југозапaдно до палатата се откриени две засводени простории кои поради наодите на скелети се наречени затвор. Некои од истражувачите овој простор го нарекуваат „визби“ и го сметаат за сегмент од стопанскиот дел на палатата.

 

Палатата била срушена вο текот на V век и подоцна нејзините ѕидови биле инкорпорирани во сиромашни куќарки изградени врз нејзините урнатини.

Aрхеолошки лексикон

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026