Via Sacra или Светата улица се протега од Порта Хераклеја до Епископската базилика во должина од 75 метри. Површината и била поплочена со песочник, а од двете страни стоеле колонади кои носеле арки. Столбовите биле поставени врз стилобат од мермерни седишта, донесени од театарот. Спроти Епископската базилика, улицата формира полукружен плоштад опкружен со столбови и мали простории определени како дуќани и работилници. Во средината на плоштадот се наоѓа постамент од театарските седишта на кој некогаш стоела коњаничка скулптура. Постарите истражувачи претпоставуваат дека тоа била скулптура на Теодосиј I. Улицата не е ископувана, но се смета дека е реновирана на почетокот од V век на местото на кое веќе постоела траса во пораните векови.