Базиликата се наоѓа 120 метри јужно од градските бедеми поради што го добива своето име „Базилика вон ѕидините“. Откриена е во 1992 година и истражувана во повеќе наврати до 2001 година.
По својата големина е втора меѓу базиликите во Стоби. Има три корабен план и нартекс на западната страна. Корабите биле одвоени со колонади, а некои од столбовите и капителите припаѓаат на постари градби. Подот во централниот кораб е покриен со мозаик поделен на правоаголни полиња. Во полињата се среќаваат различни претстави на ранохристијански мотиви.
На јужната страна се наоѓаат три простории од кои централната претставува крстилница со кружна писцина.
Црквата се наоѓа во контекст на предградието на Стоби од крајот на V и текот на VI век н.е.
Во средниот век, во олтарниот простор на руинираната базилика била изградена мала црквичка со скромни ѕидови од кал и камен.