Објектот е лоциран помеѓу Северната базилика и Синагога - Базиликата. Има три корабен архитектонски концепт, без елементи што би можеле да ја определат како црква.
Првите истражувања се во 1937 година, а потоа е истражувана и во 1956 и 1957 година. Тогаш се утврдени седум фази на градење и е констатиран профаниот карактер на базиликата во време на последната фаза. Под апсидата се откриени мали бронзени предмети од V век пр.н.е., додека на еден од постарите ѕидови длабоко под наосот на базиликата е документирана и отстранета фреска со претстава на барска птица која датира од првата половина на I век н.е.
Во 1971 и 1972 година се извршени нови ископувања при што на просторот се откриени хеленистички слоеви од ΙΙΙ и ΙΙ век пр.н.е.
Во 2001, 2004 и 2005 година се извршени нови истражувања на базиликата и нејзина конзервација. Истражувачите констатирале два објекта, означени како базилика А и Β. Базиликата А е објектот што денес се гледа на површината, додека како базилика Β се определени остатоците од руинирана базиликална градба со подобро сочувана апсида. Објектот Β e датиран во IV век. Околу Цивилната базилика се откриени 18 средновековни гробови кои припаѓаат на средновековната некропола формирана на просторот од Северната Базилика. Гробовите се датирани во временски интервал од ΧΙ до почетокот на XIII век.