Театар

Театарот во Стоби е еден од најимпресивните објекти изградени во античкиот град. Се наоѓа на неговата јужна периферија и се разликува од повеќето антички театри во поширокиот регион на Македонија по тоа што не е вкопан во стрмна природна падина. Наместо тоа, бил изграден на благо наклонет и делумно рамен терен, при што гледалиштето било поставено врз масивен систем од радијални и циркуларни ѕидови.

Театарот има три главни фази. Изградбата започнала кон крајот на I век од н.е., кога бил замислен амбициозен повеќенаменски објект според западноримските модели, кој комбинирал елементи од архитектурата на театрите и амфитеатрите. Првичниот проект никогаш не бил завршен, а работите биле прекинати за период од неколку години. Археолошките истражувања открија значајни сведоштва за оваа прва градежна фаза, меѓу кои техниките на градење, измените на првичниот план, па дури и мајсторски ознаки нанесени со црвена боја.

Работата продолжила во првата половина на II век од н.е., кога театарот бил целосно изграден по урнек на римските театри од Мала Азија, кои ја спојуваат архитектонската традиција на хеленистичките театри со напредните градителски техники и инженерството на римскиот свет. Во новиот концепт биле задржани и елементи преземени од архитектурата на амфитеатрите, предвидени уште во првичниот проект: подиумот околу оркестрата, централната почесна ложа и централниот радијален коридор под неа. Поради повеќенаменскиот карактер на објектот, не била изградена постојана бина, како што било вообичаено кај повеќето римски театри.

Во театарот се одржувале најразлични спектакли. Покрај театарски, мимски и хорски изведби, публиката можела да следи гладијаторски борби, борби со диви животни и други јавни приредби. Посетителите влегувале преку влезовите од надворешната страна на објектот, а низ коридорите под гледалиштето стигнувале до мермерните седишта.

Театарот можел да прими околу 7.000 гледачи. Седиштата биле распоредени во повеќе од триесет реда и поделени на горен и долен дел со широка патека – diazoma. На дел од седиштата се врежани имиња на поединци и фамилии, што покажува дека угледните граѓани на Стоби имале резервирани места. Гледачите во најниските редови, непосредно до оркестрата, за време на опасните спектакли биле заштитени со мрежа, а дупките за нејзините носачи и денес се видливи во мермерните седишта.

Наспроти гледалиштето се издигала монументалната сценска зграда, висока околу 13 метри. Нејзината богато украсена фасада била организирана на два ката и декорирана со архитектонски елементи од бел мермер, како и со столбови и рамки за врати од розеникав мермер, создавајќи впечатлива архитектонска заднина за претставите. Една од просториите во сценската зграда функционирала како светилиште посветено на Немеза, божицата тесно поврзана со гладијаторите и игрите во арената.

Кон крајот на III век театарот бил оштетен од силен земјотрес, по што следеле поправки. Во оваа последна фаза неговата адаптација за аренски спектакли станала уште поизразена. Заштитната мрежа била заменета со цврст ѕид, страничните влезови кон оркестрата биле затворени со порти, а висок ѕид ја одделувал арената од сцената. Светилиштето на Немеза и внатрешноста на сценската зграда исто така биле обновени.

До крајот на IV век театарот излегол од употреба, а од средината на V век започнал да служи како извор на градежен материјал. Најголем дел од мермерните седишта биле повторно употребени при изградбата на новиот градски бедем и христијанските базилики. Коридорите на театарот постепено биле населени и приспособени во простори за живеење, при што со преградни ѕидови некогашните ходници биле поделени на помали простории.

По земјотресот околу 520 година, големи делови од театарот биле користени како место за исфрлање шут создаден при поправките на Епископската базилика. Во втората половина на VI и во текот на VII век, ѕидовите и коридорите на театарот биле вклучени во новоизградени куќи, чиј распоред го следел некогашниот полукружен план на гледалиштето. Ѕидовите на овие подоцнежни куќи, пак, биле повторно искористени во средниот век како дел од живеалишта датирани од XI до XIV век.

Театарот останал во голема мера заборавен сè до првите големи археолошки ископувања, спроведени од Народниот музеј во Белград меѓу 1924 и 1934 година. Кон крајот на 1960-тите, оркестрата била расчистена со механизација од страна на локалните власти, по што следеле нови истражувања меѓу 1970 и 1980 година во рамките на југословенско-американскиот проект, со кои биле ревидирани повеќе претходни толкувања. Од 2009 година НУ Стоби спроведува систематски археолошки истражувања на театарот, а од 2013 година паралелно се изведуваат и конзерваторски зафати насочени кон негово целосно истражување, заштита, делумна реконструкција и презентација како еден од најзначајните споменици на Стоби.