Од 1970 – 1980 г. се изведуваат нови систематски ископувања во организација на Народниот музеј во Велес и Универзитетот во Остин предводени од Ѓ. Мано – Зиси и Џ. Вајсман. Истражувањата продолжуваат во веќе откриените објекти, а нови откритија се Внатрешниот бедем, Градбата со арки, Casa Romana, баптистериумот во Епископската базилика и старата Епископска базилика. Значајно е тоа што во овој период е формирана библиотеката на Стоби, воспоставен е музеј со експонати од ископувањата и издадени се три броја од списанието „Студии за старините во Стоби“. Од предвидените монографии досега е издадена "Hellenistic and Roman Pottery from Stobi" од Вирџинија Андерсон Стојановиќ, а во подготовка се и монографии за театарот во Стоби од Елизабет Гебхард, за натписите на седиштата во театарот од Џејмс Вајсман и за западната некропола од Ал Веселовски.