Во 2010 година на Стоби се спроведени два проекти за археолошки истражувања, како и два проекти за конзервација. Носител на сите реализирани проекти е Националната установа Стоби под раководство на м-р Силвана Блажевска.

2010

Previous Next

Продолжени се систематските археолошки ископувања, отпочнати во 2009 година како дел од капиталните археолошки проекти финансирани од Владата на Република Македонија. Во рамките на проектот е реализирана и првата фаза од конзервацијата на мозаикот во Куќата на Перистерија.

 

Археолошките истражувања продолжија во веќе познатите сектори при што акцентот беше ставен на отстранување на контролните профили и комплетирање на првичната слика од 2009 година.

 

 

1. Храмот со хипогеум е комплетно истражен во внатрешноста така што се констатирани повеќе фази на негова употреба од 2 до 4 век. На подот во првата просторија се откриени фрагменти од мермерни скулптури и еден импресивен мермерен сад со отвор на средината. Во внатрешноста садот има канелури и е обликуван како школка. Во втората просторија се откриени различни светилки и една транспортна амфора.

 

Храмот не е комплетно истражен од надворешната страна, но откриени се теменосот околу објектот, влезот во подземните простории и две огништа пред него.  Посебно значајно е што во оваа кампања е откриен и предниот дел на храмот со остатоците од скали кои воделе до пронаосот.

 

Истражуван е и комплексот околу храмот при што е констатирано дека има повеќе фази на употреба и дека се потребни понатамошни истражувања од поголеми размери за негово целосно објаснување.

 

Едно од најинтересните откритија во овој сектор е новата градска порта во јужниот сегмент на бедемот, која најверојатно била заѕидана во 6 век. Портата има скали формирани од седишта од театарот и се поврзува со поплочени улици кои водат покрај бедемот и во внатрешноста на градот.

 

На спојот помеѓу јужниот и источниот сегмент од бедемот е откриена внатрешна кула која е истражена комплетно. Под подот на кулата се откриени остатоци од постар бедем кој минувал тука пред да биде обновена фортификацијата.

 

Истражувањата во овој сектор ги раководеше Јован Радњански од Националната установа Стоби.

 

 

2. Во секторот Театар се доистражени објектите од втората половина на 6 век при што е констатирано дека некои од нив имаат повеќе фази на употреба. Комплетно е истражена и печката за керамика, лоцирана на источниот крај од скената.

 

Во однос на театарот, речиси целосно е истражена долната половина од гледалиштето. Истражуван е и просторот  помеѓу радијалните ѕидови од горната половина на гледалиштето. Тука се откриени подлогата од дијазомата (патеката која ги двоела двете гледалишта), остатоци од сводовите со кои се спојувале ѕидовите, како и три арки од тули над влезовите во коридорите под гледалиштето. Откритието на овие арки индицира дека за да се открие подното ниво на коридорите потребни се ископувања со кои ќе се отстранат уште најмалку 3 – 4 метри од слоевите земја со кои бил затрупан театарот во текот на доцната антика.

 

Раководител на истражувањата во овој сектор беше Гоце Павловски од Националната установа Стоби.

 

 

3. Новитет во 2010 година е истражувањето на новооткриената Северозападна некропола.  На просторот веднаш до северозападниот бедем, во текот на доцната антика била формирана некропола каде покојниците биле инхумирани во гробови со конструкција од тегули поставени на две води. 

 

Истражени се вкупно 252 гробови кои не изобилуваат со гробни прилози и од кои 225 се детски. Златко Кованцалиев од Националната установа Стоби раководеше со истражувањата на некрополата.

 

 

4. Долж Северозападниот бедем беа поставени контролни сонди со кои се истражуваа темелните партии на бедемот. Покрај темелите и споменатите погребувања, откриени се и остатоци од постари градби кои ги пресекува бедемот. Не е исклучена можноста некои од овие остатоци да припаѓаат на постара фортификација.

 

Раководител на овие истражувања беше Петре Костов од Народен музеј - Велес.

 

 

5. На просторот над Полукружниот плоштад беа отстранувани профилите со што се комплетираа истражувањата на голем дел од рановизантиската населба. Откриени се десетина куќи и улиците помеѓу нив. Констатирано е дека објектите имаат повеќе фази, а во контролните сонди е откриен и материјал од хеленистичко и железно време. Најзначајно на овој простор е целoсното откривање на т.н. „Куќа со триклиниум“ која треба да биде конзервирана во текот на 2011 година.

 

Раководители на истражувањата беа Христијан Талевски од Националната установа Стоби, Димитар Николовски од Националната установа Стоби и Љубинко Ѓекиќ.

 

 

6. Во Градбата со арки беше доистражен просторот во внатрешноста на објектот, а беа поставени и сонди од надворешните страни со цел ослободување на ѕидовите за нивна конзервација. Беа истражени и неколку гробови од доцната антика. Покрај истражувањата беше изведена и превентивна конзервација на мозаичниот под во апсидалната просторија 2.

 

Со истражувањата раководеа Мила Шурбaновска од Музејот на Македонија и д-р Антонио Јакимовски од Институтот за историја на уметноста и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Превентивната конзервација се одвиваше под раководство на Драган Верговски Алпи и Момчило Трајковски од Националниот конзерваторски центар.

 

 

7. Во Епископската базилика беше истражуван јужниот брод од старата базилика од 4 век. На јужниот ѕид се откриени повеќе слоеви на фрески со геометриски мотиви. Документирани се и ѕидови од постари фази кои поради ограниченоста на просторот не се доволни објаснети.

 

Раководител на ископувањата беше Валентина Тодороска.

 

 

8. Во рамките на капиталниот проект за истражување беше реализирана и првата фаза од конзервацијата на мозаикот во „Куќата на Перистерија“. Во оваа фаза мозаикот е кренат од оригиналната локација при што е исчистена старата оштетена подлога. По чистењето мозаикот е излеан во нова подлога и ќе биде вратен во објектот во текот на месец април, 2011 година.

 

Раководители на проектот за конзервација беа Драган Верговски Алпи и Момчило Трајковски од Националниот конзерваторски центар.

 

 

Во текот на 2010 година, со средства од Амбасадорскиот грант за заштита на културно наследство, кој го доделува Амбасадата на Соединетите Американски Држави, е отпочнат проектот за конзервација на фреските од Старата епископска базилика. Ова се најстарите христијански фрески во Република Македонија и се од извонредно значење за проучувањето на христијанското сликарство воопшто. Досега се реализирани првата и втората фаза на проектот кои опфатија лабораториски анализи на фреските и отстранување на фреските од јужниот ѕид на базиликата. Третата и четвртата фаза од проектот ќе се одвиваат во текот на 2011 година и тие подразбираат конзервација на сите фрески од базиликата и нивно фиксирање на алуминиумски саке панели. Во иднина е предвидено враќање на фреските на ѕидовите во рамки на проектот за финална конзервација и презентација на Епископската базилика. Со проектот за конзервација раководат Момчило Трајковски и Драган Верговски Алпи од Националниот конзерваторски центар.

 

Во текот на 2011 година, по завршувањето на проектот за конзервација на фреските, е предвидена изложба каде што секој посетител ќе може да го види прекрасното рано христијанско сликарство од Стоби.

 

 

Како резултат на соработката помеѓу Националната установа Стоби и фондацијата Балканско наследство во месец август беше реализирана летна археолошка школа во чии рамки се вршеа ископувања во секторот Храм и на Западната некропола. 

 

На првата локација беа доистражени делови од куќата со бунар од 5 век, додека на некрополата беа документирани 25 гробови во кои се откриени кремирани и инхумирани покојници. Најинтересно откритие беше гробот со девет теракотни фигурини во форма на бик. Еден од биковите е поразлично моделиран од останатите и претставува најубавиот примерок на теракотна фигурина од овој тип кој досега е откриен во Стоби.

 

 

Резултатите од истражувањата во 2009 и 2010 година беа презентирани на XXI симпозиум на Македонското археолошко научно друштво, одржан во Струмица, во октомври 2010 година. Предвидено е тие да бидат публикувани во четвртото издание на археолошкото списание Студии за старините во Стоби кое се очекува да излезе во текот на 2012 година.

Stobi Workshops and Field School

Advertisement

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026