Програмата на Националната установа Стоби за 2020 година опфати повеќе проекти од кои пет директно се однесуваат на истражување и заштита на движното и недвижното културно наследство, додека останатите активности предвидуваат изработка на проекти и инфраструктурни зафати.

 

Вкупно 15 проекти беа финансирани од Министерството за култура, во рамките на Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата за 2020 година, од кои 4 проекта се одложени поради кризната состојба настаната поради корона вирусот (Ковид 19).

2020

Previous Next

Во периодот од јуни до ноември, тимот на НУ Стоби ја реализираше овогодинешната сезона од проектот за конзервација, реставрација, реконструкција и археолошки доистражувања на објектот римски театар во Стоби. Работите беа фокусирани на три дела односно конзервација на мермерните елементи од сценската зграда, конзервација и реставрација на носечките ѕидови под некогашните седишта од горниот дел на гледалиштето (summa cavea) и археолошки истражувања на западниот пародос.

 

Процесот на конзервација на мермерните елементи од сценската зграда вклучуваше in situ чистење и консолидирање на блоковите од подиумот и скалите на scaenae frons. Имено, овој дел од сценската зграда никогаш не бил предмет на конзервација и се наоѓаше во лоша состојба. Конзерваторот за камен од НУ Стоби, Мариана Филова, успеа да го врати првобитниот сјај на мермерните блокови и да го спречи нивното уништување. Конзервацијата на сценската зграда ќе продолжи догодина и со нејзиното комплетирање ќе биде отворена можност за анастилоза, односно исправање на оригиналните столбови и другите архитектонски елементи кои некогаш го сочинувале најраскошниот декоративен ансамбл на театарот.

 

Масивните ѕидови од супструкцијата под некогашните седишта од горниот сегмент на гледалиштето наместа се откриени до височина од 6 метри што укажува на исклучително висок степен на сочуваност на објектот, но од друга страна нивните горни партии, во височина од околу 2 метри, континуирано се распаѓаат. Во 2020 година, НУ Стоби започна со конзервација и реставрација на ѕидовите во источната половина и беа третирани 8 од 16-те откриени радијални ѕидови. Конзерваторските зафати во овој сегмент на театарот се реализираа под раководство на проф. д-р Трајче Нацев.

 

Археолошките истражувања во западниот пародос, односно западниот отворен коридор меѓу гледалиштето и сценската зграда, имаа за цел комплетно дооткривање на просторот кој бил истражуван во 1990-тите. Тимот археолози открија урнатини од ѕидовите на театарот кои се срушиле како резултат на земјотресот во Стоби околу 300 година од н.е. По земјотресот, театарот бил обновен, урнатините во западниот пародос биле затрупани и тука бил поставен нов под. На подот се откриени серија на дупки за дрвени столбови чија цел сѐ уште не е јасна. Толкувањето на ова откритие е отежнато поради изградба на ѕид од последните години на функција на театарот со кој просторот по должината на пародосот бил преполовен. Истражувањата се одвиваа под раководство на м-р Гоце Павловски од НУ Стоби и со учество на археолозите д-р Силвана Блажевска, Димитар Николовски и Катарина Петковски од НУ Стоби, како и м-р Викторија Андрееска и Раде Атанасов кои беа надворешни соработници.  

 

Во текот на месец Октомври завршија археолошките истражувања во рамки на проектот: „Изработката на проект за конзерваторско-реставраторски работи на јужниот бедем и јужната порта во Стоби“. Археолошките истражувања беа спроведени во периодот од јуни до октомври 2020 година, под раководство на м-р Јован Радњански и тим составен од стручни лица од НУ Стоби, дипломирани археолози и студенти од студентското археолошко здружение „Аксиос“ - Скопје. Истражувањето на јужниот бедем и т.н. Јужна порта на градот фрлија светло на простор од градот кој археолошки не е истражуван 10 години. Со овогодинешните истражувања речиси целосно е откриена Јужната порта која претставува втор досега откриен влез во градот. Портата била во функција во периодот од 1ви до средината на 6ти век од н.е., по што била заѕидана од новоизградениот јужен бедем. ,,Изработката на проектот за конзерваторско-реставраторски работи на јужниот бедем и јужната порта во Стоби” е во целост финансиран од Министерството за култура на Република Северна Македонија во рамки на годишната програма за финасирање на проекти од национален интерес за културата.

 

Во текот на минатите неколку месеци, конзерваторскиот тим, предводен од Томе Филов - конзерватор за мозаик, работеше на конзерваторските активности во склоп на проектот „Конзервација и реставрација на дислоцираните мозаици од археолошкиот локалитет Стоби“. При тоа беа опфатени мозаички сегменти од 5 различни објекти од локалитетот кои биле извадени од оригиналната местоположба во неколку наврати во периодот од 1970 до 2016 година. Мозаичките сегменти кои беа во лоша состојба беа обработени од задната страна, поставени на нов носач од алуминиумско саќе и потоа складирани во просторија со адекватни услови за чување на овој тип културно наследство. Еден дел од сегментите беа вратени на нивната оригинална местоположба (Презвитериумот на старата епископска базилика) и со тоа станаа повторно достапни за посетителите на Стоби.

 

Проектот за археолошко истражување и конзервација на архитектонските остатоци на продавниците и работилниците зад Полукружниот плоштад беше реализиран во август и септември 2020 година. Во текот на археолошките ископувања беа доистражени предвидените две простории со цел да се отвори простор за финализирањето на тековниот конзерваторски проект. Истражувањата дадоа богат нумизматички материјал од крајот на 6 век од н.е., потврдувајќи ја веќе познатата хронолошка слика за овој комплекс. По завршувањето на археолошките истражувања, реализиран беше конзерваторскиот дел од проектот, со што беа подложени на конзерваторски третман ониe ѕидови кои не беа опфатени во претходната конзерваторска кампања во 2018. Со археолошките ископувања раководеше д-р Силвана Блажевска, додека раководител на конзерваторскиот проект беше д-р Трајче Нацев. Проектот е во целост финансиран од Министерство за култура во рамки на Годишната програма за финасирање на проекти од национален интерес за културата.

 

Во периодот помеѓу 15 септември и 15 октомври, беше реализиран и проектот Археолошко истражување на Западна некропола во Стоби, раководен од д-р Силвана Блажевска. Во овој период, стручниот тим од НУ Стоби, истражи 15 погребувања од хоризонтот на погребување кој припаѓа на првата половина на 1 век од н.е. Формите на погребување кои беа откриени се типични за подоцниот августовски период, во форма на вкопани, ритуално спалени јами, во кои се погребани кремирани покојници заедно со нивните гробни дарови, оставени за да им се најдат на покојниците во задгробниот живот. Проектот е во целост финансиран од Министерство за култура во рамки на Годишната програма за финасирање на проекти од национален интерес за културата.

Stobi Workshops and Field School

Advertisement

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026