Во текот на 2011 година во Стоби беа реализирани 3 проекти за археолошки истражувања и пет проекти за конзервација. Носител на сите проекти е Националната установа Стоби под раковoдство на м-р Силвана Блажевска.

2011

Previous Next

Како дел од капиталниот проект за археолошки истражувања, финансиран од Владата на Република Македонија, во периодот меѓу април и август, се ископуваше на два пункта: Куќата на Перистерија и Западната некропола.

 

Во Куќата на Перистерија, истражувањата беа фокусирани под мозаичниот под на источниот триклиниум. Најпрвo беше документирана подлогата за мозаикот како и системот за довод и одвод на централно поставената фонтана. Подолу беа истражувани населбински слоеви од 1-3 век н.е., во кои доста интересно е откритието на печка за керамика 1 век н.е. Под овие слоеви беше документиран дел од хеленистичката некропола од 3/2 век п.н.е., поточно беа откриени 4 гроба од времето на македонските кралеви Филип V и Персеј. Во гробовите биле приложени керамички садови, теракотни фигурини, метални предмети и една светилка. Под хоризонтот со погребувања беа документирани остатоци од станбена архитектура од доцното бронзено време и преодниот период (11/10 век п.н.е.) е кои беа доста оштетени со подоцнежните активности. Овие остатоци се конкретно сведоштво за долгиот континуитет на живеење во Стоби почнувајќи од праисторијата. По завршувањето на ископувањата земјата беше вратена назад, набиена и врз неа е поставена плоча како е дел од новата подлога за мозаикот.

 

На Западната некропола беа истражени вкупно 24 гроба, од кои посебно внимание заслужуваат гробовите со надземни плитарни конструкции и гробот со 34 теракотни фигурини. Помеѓу теракотите, за првпат во Стоби се откриени претстава на војник или гладијатор и претстава на маж и жена кои се борат за една амфора.  

 

Во рамките на капиталниот проект, но во текот на септември и октомври, беше реализирана и втората фаза од проектот за конзервација на мозаикот од Куќата на Перистерија која опфаќаше чистење и ретуширање на различните делови. Во 2012 година ќе биде завршена и третата (последна) фаза која подразбира враќање на мозаикот на оригиналната позиција.

 

Покрај ископувањата, во Куќата на Перистерија беше конзервирана и реставрирана фонтаната од триклиниумот со мозаик. Конзервацијата се одвиваше во текот на октомври.

 

Со средства од фондот за заштита на културното наследство на американската амбасада, во периодот меѓу април и август, беа реализирани последните етапи од проектот за конзервација на фреските од Епископската базилика. За време на овие фази, фреските беа консолидирани, поставени на алуминиумско саќе, исчистени и ретуширани. Во 2012 ќе следи изложба на дел од конзервираниот фрескоживопис.

 

Како дел од соработката со фондацијата Балканско наследство од Р. Бугарија беа реализирани три меѓународни проекти: Работилница за конзервација и документација на керамика, Работилница за конзервација и документација на фрески и Летна школа за теренска археологија. За време на работилниците, кои се остварија во јуни, беа конзервирани неколку римски садови и мал дел од фреските на источниот ѕид од Старата епископска базилика. Во рамки на школата за теренска археологија, истражувањата се одвиваа на просторот од комплексот градби од 6 век. Во текот на август и септември беа ископувани неколку простории од куќа од втората половина на 6 век при што беа откриени фргаментирани кујнски и складишни садови, коскени предмети, метални предмети и монети.

 

Паралелно со теренската школа се одвиваа истражувања на просторот на Куќата со триклиниум. Ископувањата беа со цел дооткривање на сите простории и контрола на стратиграфијата под подот на објектот.

 

На крајот од годината, во последните два месеци, беше реализирана и првата фаза од проектот за конзервација на Куќата со триклиниум која подразбира конзервација и делумна реставрација на ѕидовите на објектот. Во текот на 2012 ќе се одвива втората фаза при што ќе бидат конзервирани подовите. 

Macedonia Timeless

Advertisement

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026