Новости

Активности во Стоби во текот на октомври и ноември

ноември, 11 2011 | Ioannes Stobaeus

 

    Крајот на октомври беше обележан со завршница на претпоследните фази од проектите за конзервација на фреските од Епископската базилика и мозаикот во Куќата на Перистерија. Најстарите христијански фрески во нашата држава, во текот на изминатите месеци беа консолидирани, исчистени и поставени на основи од алуминиумско саќе. Во подготовка е концептот за изложба на фреските, која ќе се одржи следната година како финале на проектот финансиран од Американската амбасада во Скопје.    

     Мозаикот од триклиниумот во Куќата на Перистерија, во текот на октомври беше комплетно исчистен и делумно ретуширан. Откако беа извршени археолошки истражувања во периодот од април до август, отстранетата земја беше повторно насипана во триклиниумот, по што следеше реконструкција на фонтаната лоцирана во средината на просторијата. Во првите денови на ноември, беше поставена и бетонска плоча како подлога врз која ќе биде вратен мозаикот кон крајот на март следната година.

     Овие два проекта се координирани од Силвана Блажевска од НУ Стоби, а ги реализираше екипата на Драган Верговски Алпи од Националниот конзерваторски центар.

Кон крајот на октомври отпочна конзервацијата на ѕидовите од Куќата со триклиниум која беше откриена во рамките на истражувањата од 2009 и 2010 година. Овој проект на НУ Стоби го раководат Никола Шентевски (архитект конзерватор) и Трајче Нацев (археолог конзерватор) кои исто така ја реализираа реконструкцијата на фонтаната во Куќата на Перистерија. Во 2012 година ќе бидат конзервирани и подовите на овој објект од VI-от век, така што најдоцна во 2013 година, посетителите на Стоби ќе можат да разгледаат уште една досега непозната градба.     

     Настрана од конзервацијата, во Стоби се одвиваше и антрополошка анализа на остеолошкиот материјал од некрополите, откриен во периодот помеѓу 2009 и 2011 година. Анализата ја изврши Фаница Велјановска од Музејот на Македонија. Што се однесува до археолошките истражувања, сите ископувања во Стоби за 2011 година се завршени и во следните месеци ќе биде изготвувана документацијата и изработен теренскиот инвентар на откриените предмети. Извештајот со резултатите од истражувањата ќе биде објавен кон крајот на ноември.

 

Поврзано:

 

Завршни фази на проектот за конзервација на живописот од Епископската базилика (03.08.2011)

 

Почеток на археолошките истражувања во Стоби (14.04.2011)

 


© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026