Новости

Проекти на НУ Стоби во 2014 година

август, 07 2014 | Ioannes Stobaeus

 

За 2014 година НУ Стоби има предвидено вкупно десет проекти од кои пет се веќе реализирани. Во текот на јуни, паралелно се одвиваа две интернационални работилници за конзервација на керамика и конзервација на мозаик. Проектите беа реализирани во соработка со фондацијата Балканско наследство. Во рамките на работилницата за конзервација на керамика се работеше на копии и автентични римски садови. Работилницата за конзервација на мозаици беше реализирана заедно со втората фаза на проектот за конзервација на мозаикот од нартексот на Епископската базилика. Проектот опфаќаше лиење и поставување на алуминиумско саќе на мозаикот од нартексот кој беше изваден во 2012 година. Како дел од овие два проекта, беа одржани и уште две помали работилници за конзервација на стаклени садови и фрески.

 

Во текот на јуни и јули беа изведени ископувања на Западната некропола и Театарот како дел од капиталните проекти за археолошки истражувања, финансирани од Владата на Република Македонија. Со ископувањaта на некрополата беа откриени вкупно 51 гроб кои датираат од 1-3 век н.е. Поголемиот дел од покојниците беа кремирани и имаа гробни прилози како што се керaмички садови, светилки, стаклени садови и бронзени монети. Посебно интересен е гробот во кој кремираните остатоци биле поставени во оловна урна. Ископувањата во Театарот се одвиваа во мал дел на централниот циркуларен коридор при што беа истражувани подни нивоа од доцната антика (5-6 век) кога објектот не бил во функција, а неговите ѕидови и коридори биле искористени во рамките на куќите подигнати на овој простор.

 

Во периодот помеѓу 29 јуни и 28 јули беше реализирана интернационална археолошка школа како трет проект од соработката помеѓу НУ Стоби и Балканско наследство. Во проектот партиципираа 16 учесници од повеќе земји, главно од САД и Канада. Ископувањата се одвиваа на просторот помеѓу Тедосијанската палата и т.н. „Затвор“. Беше истражена една од подоцнежните соби на палатата која во текот на 6 век била поделена на два дела. При ископувањата беа откриени фрагменти керамика, животински коски, фрагменти од стакло, бронзени монети, мала мермерна скулптура со претстава на голо машко божество и една железна стрела.

 

Останатите пет проекти, финансирани од годишната програма на Министерството за култура ќе бидат реализирани во следните месеци. Двата проекти за конзервација на метални предмети и стаклени садови ќе отпочнат во текот на август, додека ископувањата во делот на Храмот на Изида ќе се одвиваат во текот на септември. Проектот за конзервација и реставрација на Театарот ќе продолжи на почетокот од септември и ќе трае се до крајот на ноември. За оваа година е предвидено да бидат конзервирани и реконструирани сводовите од тули на централниот радијален коридор и страничните простории, по што ќе следи конзервацијата и реконструкцијата на лежиштата за седишта. Се очекува дека до 2015 година, Театарот да биде подготвен за реконструкција на мермерните седишта во источната половина. Последниот проект за 2014 година предвидува враќање на мозаикот од централниот брод на Старата епископска базилика. Подготовките за реализација на проектот ќе отпочнат на 15 август.

 

Кликнете тука за галерија.

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026