Новости

Завршени и тековни проекти во Стоби за 2015 година

август, 20 2015 | Ioannes Stobaeus

 

Во текот на мај и јуни во Стоби се одвиваа археолошки истражувања на Храмот на Изида и Театарот. Ископувањата во секторот Храм на Изида беа насочени кон документирање на просторот околу храмот при што се истражуваа остатоци од објекти од доцната антика, формирани на овој простор во 5-6 век, откако Храмот излегол од употреба. Интересно откритие претставува еден мал натпис на мермер посветен на божествениот пар Изида и Серапис, кој укажува на фактот дека во објектот не бил посветен само на Изида, туку и на нејзиниот сопруг, богот Серапис. Почитувањето на култот на Изида и Серапис во Стоби е познато уште во минатото како резултат на повеќе наоди. Храмот беше откриен во 2008 година, а откритието на мермерна скулптура на Изида во 2012 година конечно ја реши дилемата за дедикацијата на објектот.

 

Ископувањата на театарот продолжија во источната половина на централниот циркуларен коридор и источниот радијален коридор, каде што се одвиваа и во текот на 2013 и 2014 година. До крајот на јуни, коридорите беа речиси целосно истражени до оригиналните нивоа на изградба и користење во времето кога театарот функционирал. Во изминатите три години беа внимателно документирани и сите подоцнежни фази на користење на просторот, почнувајќи од втората половина на 4-от век кога театарот е напуштен, па сѐ до 12-14 век кога коридорите биле за последен пат дел од објекти за живеење. Источната половина на централниот цикруларен коридор има должина од околу 44 метри, широчина од 2,5 метри, а неговата височина била околу 6 метри.

 

Како резултат на соработката со фондацијата Балканско Наследство и оваа година беа реализирани неколку меѓународни проекти. Првите два се одвиваа во текот на месец јуни при што во Стоби се одржаа работилници за конзервација на керамика, стакло, мозаици и фрески. Во работилниците беа инволвирани интернационални учесници, а обуката ја изведуваа стручни лица од НУ Стоби и Балканско наследство.

 

Ве текот на јули се одвиваа интернационалната археолошка школа и школа за напредни методи на фотодокументација на предмети и архитектура. Во шестата сезона од археолошката школа, истражувањата се одвиваа на просторот помеѓу Теодосијанската палата и т.н. затвор, каде што за прв пат се работеше минатата година. Беa откриенi делови од две улици и рушевински слој од куќа од 6 век од н.е., во времето кога објектите како Теодосијанската палата (изградена во 4 век) биле напуштени, а нивните ѕидови биле искористени во рамките на новоподигнати куќи.

 

Работилницата за напредна фотодокументација беше одржана за прв пат оваа година и претставува своевиден новитет. Во рамките на овој проект се работеше фотограметрија, рефлективна трансформација, како и фотографирање за виртуелна прошетка и виртуелен музеј. Дел од резултатите се очекува да бидат достапни на веб страната на Стоби, а дел ќе бидат вклучени во рамките на интерактивната презентација во планираниот центар за посетители кој ќе биде отворен следната година.

 

Во месец август продолжува Проектот за конзервација на мозаикот од нартексот на Епископската базилика, како и Проектот за конзервација, реставрација и реконструкција на Театарот.

 

Погледнете го албумот од проектите на нашата Facebook страна.

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026