Новости

Почеток на археолошките истражувања во Стоби

април, 29 2013 | Ioannes Stobaeus

 

Во текот на минатата седмица НУ Стоби, под раководство на м-р Силвана Блажевска, ги отпочна археолошките ископувања на локалитетот како дел од капиталните проекти на Владата на Р. Македонија за систематски истражувања. Овогодинешната кампања опфаќа работа на западната некропола и театарот, каде што се вршеа истражувања и во минатите сезони. На западната некропола продолжува со ископувањето на гробовите во близина на Порта Хераклеја, додека на театарот се ископува источната половина на централниот циркуларен коридор со цел да се документираат архитектонските карактеристики на овој дел од објектот и неговата употреба во различни периоди. Во рамките на истиот проект, во текот на мај, ќе отпочне и конзервација на мозаикот од Старата епископска базилика.

 

По завршувањето на ископувањата, во јуни, ќе се одвива проект за конзервација на источната половина на гледалиштето на театарот (ima cavea), финансиран од Министерството за култура во рамките на Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата за 2013 година. Во програмата влегуваат и уште четири проекти на НУ Стоби за конзервација на керамика, стакло, метал и камена пластика, како и изготвувањето на два конзерваторски проекти за објектот Полукружен плоштад и мозаикот во Крстилницата од Епископската базилика.

 

Во текот на јуни, како дел од соработката со фондацијата Балканско Наследство, ќе се одвиваат и две интернационални работилници за конзервација и документација на мозаици и римски керамички садови. Како и во минатите години, во текот на август ќе се одвива интернационалната теренска школа за археологија.

 

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026