Новости

Мозаиците во Стоби отворени за новата туристичка сезона

април, 09 2012 | Ioannes Stobaeus

 

Минатата седмица во Стоби привршуваа подготовките за новата туристичка сезона при што беа отворени мозаиците во Куќата на Полихармос, Теодосијанската палата и крстилницата во Епископската базилика. Покрај овие мозаици кои стандардно се презентираат секоја година, беа отворени и мозаиците од нартексот и јужниот брод во Епископската базилика и мозаиците од синагогата. Последните мозаици беа затворени за јавноста во изминатите 15 - 20 години, а оваа година се врши увид во нивната состојба со цел изработка на соодветни проекти за конзервација. Мозаикот во нартекост на Епископската базилика е откриен во 20-тите години, но за жал никогаш не бил конзервиран. Поради колоритноста, изведбата на детаљите како и фактот дека е составен од најситни камчиња, овој мозаик се смета за еден од најубавите во Стоби. Мозаиците од синагогата се отстранети од оригиналната позиција во 70-тите години и биле презентирани во близината на некогашниот музеј и лапидариум. Иако се во подобра состојба сепак и за нив се потребни конзерваторски зафати во најбрзо време.

 

Во наредниот период, додека трае увидот и превентивните интервенции на конзерваторскиот тим, сите посетители ќе имаат можност да се запознаат со споменатите мозаици за кои денес малкумина можат да се пофалат дека некогаш ги виделе во живо.

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026