Новости

Меѓу Истокот и Западот. Стоби и градовите во римските провинции на Балканот

октомври, 08 2018

 

Меѓународната археолошка конференција „Меѓу Истокот и Западот. Стоби и градовите во римските провинции на Балканот“ се одржа од 27-30 септември 2018 г. во конференциската сала во Винарија Стоби, во организација на НУ Стоби.

 

Конференцијата беше свечено отворена во четврток, на 27 септември 2018 г., во 17.45 часот, со пригодно обраќање на директорот на НУ Стоби, г-динот Спасе Перовски. На присутните се обрати и г-динот Роберт Алаѓозовски, национален координатор за развој на културата во Владата на Република Македонија, осврнувајќи се на значењето на археолошкиот локалитет Стоби и заложбите на Владата за развојот на културата. На отворањето присуствуваа и гости: градоначалниците на општина Градско и Велес, пратеник во Собранието на Р. Македонија, како и колеги од другите национални и локални установи од областа на културата. 

 

Потоа следеа три предавања посветени на поранешните и сегашните истражувачи на Стоби. Академик Вера Битракова-Грозданова говореше за најраните проучувачи од втората половина на 19 и раниот 20 век, професор емеритус Џејмс Васман за заедничкиот југословенско-американски проект во 70-тите години на минатиот век, а д-р Силвана Блажевска за истражувачите во 80-тите и 90-тите години на минатиот век, за проектот Римски форум, како и за проектите на НУ Стоби од нејзиното формирање во 2008 г. Професор Каролин Снајвли го промовираше обновениот зборник на трудови „Студии за старините на Стоби, том IV“, издание на НУ Стоби.

 

На конференцијата се пријавија вкупно 55 излагачи, со вкупно 48 трудови. Учесниците во конференцијата припаѓаат на реномирани академии за науки и уметности, универзитети, археолошки институти и музеи од единаесет земји во светот: Македонија (вкупно 20), Грција (вкупно 4), Бугарија (вкупно 11), Албанија (вкупно 2), Србија (вкупно 3), Хрватска (вкупно 1), Црна Гора (вкупно 2), Австрија (вкупно 2), Германија (1), Франција (вкупно 4) и САД (вкупно 5).

 

Во рамки на деветте сесии излагањата беа организирани во зависност од темата која ја обработуваат поединечните трудови и по хронолошки редослед. Работниот дел на конференцијата започна во петок, на 28 септември 2018 г., во кој во три сесии беа распоредени трудови посветени на топографијата, урбаниот развој и економијата на градовите во римскиот период, потоа следеше сесија посветена на архитектонските зданија, театри, библиотеки и резиденции, како и организацијата на јавниот простор во римските градови. Третата сесија беше посветена на религијата, култовите и верувањата во римскиот период, како и едно предавање за социјалната структура на населението во Стоби и околината врз основа на епиграфските споменици.  Вториот ден беше посветен на фунерарните обичаи и гробните дарови во римскиот период, римската нумизматика, и разни предмети од материјалната култура: керамички предмети, стакло и предмети од коска. Топографијата и урбаниот развој на градовите во доцната антика беше разгледуван во неколку трудови во третата сесија, во која беше вклучена и една нумизматичка студија за циркулацијата на парите во Стоби во доцноантичкиот период. Последниот ден беше посветен на теми поврзани со раното христијанство, на базиликите, крстилниците, мозаиците и фрескоживописот, и особено на улогата на епископите во креирањето на ранохристијанската архитектура и уметност. Во сите предавања беа опфатени различни аспекти од археологијата, историјата, материјалната култура, архитектурата, топографијата и урбаниот развој на повеќе градови од римскиот и доцноантичкиот период на Балканот: Стоби, Скупи, Хераклеја Линкестис, Тесалоника, Билис, Дирахион, Хераклеја Синтика, Виминациум, Царичин Град, Мурса, Марцијанополис, Одесос, Филипополис, Дукља. На конференцијата беа презентирани многу нови откритија и сознанија за различните аспекти од секојдневниот живот во римскиот и доцноантичкиот период на Балканот, кои предизвикаа конструктивни дискусии кои секако ќе придонесат за подобро разбирање на нашето минато.

 

Од конференцијата ќе произлезе зборник на трудови, кој ќе преставува посебно издание во рамки на едицијата Студии за старините на Стоби. Неговото печатење е планирано до крајот на 2019 или почетокот на 2020 г.

 

Меѓународната археолошка конференција „Меѓу Истокот и Западот. Стоби и градовите во римските провинции на Балканот“ е реализирана со финансиски средства од Министерството за култура на Република Македонија во рамки на Годишната програма за работа на установата, и од средства од донации обезбедени од НУ Стоби и Фондацијата Балканско наследство од Стара Загора, Р. Бугарија.

 

Галерија

 

Поврзано:

 

Меѓународна археолошка конференција во Стоби (27 септември, 2018)

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026