Во текот на јуни, јули и август беше реализиран проект за конзервација на мозаикот од Старата епископска базилика. Со конзервацијата беа опфатени сите 72 парчиња (180 м2), отстранети од оригиналната положба во 1991 година. Во текот на 1992 година е исчистена старата подлога на мозаикот, а работите се прекинати во наредните години. Во 2013 година, конзерваторскиот тим предводен од Драган Верговски Алпи ја финализираше конзервацијата преку лиење на мозаикот во варов малтер и негово поставување на подлога од алуминиумско саќе. Проектот беше финансиран од сопствените приходи на НУ Стоби. Враќањето на мозаикот назад на подот од ранохристијанската црква е предвидено за во 2014 година.
Мозаикот од старата епископска базилика е една од најстарите христијански подни декорации во Македонија. Различните мозаични полиња биле резултат на различни донатори од крајот на 4 век и првата половина на 5 век. Посебно значајно е полето со натпис од кое се дознава дека епископот Евстатиј ја проширил базиликата кон исток во почетокот на 5 век.
Погледнете ја галеријата со фотографии од конзерваторскиот процес.