На последниот ден од интернационалниот научен симпозиум „Романизирање на ориентални богови? Религиски трансформации во провинциите на Балканот во римски период“ учесниците го посетија Стоби каде што се запознаа со новите откритија преку прошетка низ локалитетот и разговор со археолозите од НУ Стоби. Со оглед на тоа што симпозиумот во голема мера беше инспириран од новоткриениот храм на Изида, фокусот на екскурзијата беше токму овој објект каде што научниците дискутираа за неговото значење во понатамошните истражувања на култот на Изида во римските провинции на Балканот.
Покрај тоа што беше презентиран објектот, НУ Стоби организираше и мини изложба на наодите од истражувањата на храмот, а воедно и на други предмети кои се поврзани со ориенталните влијанија. Беа изложени скулптурите и керамичкиот материјал од храмот, како и наодите од Синагогата и Западната некропола.
Симпозиумот се одржа во просториите на МАНУ од 19-21 септември, а покрај Академијата коорганизатори беа и Универзитетите од Лајден и Тулуз.
Програмата на симпозиумот е достапна тука.