Новости

Посета на министерката за култура на Стоби

август, 22 2012 | Ioannes Stobaeus

 

Министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска во придружба на директорот на Управата за заштита на културно наследство Паско Кузман, го посети археолошкиот локалитет Стоби. Директорката на НУ Стоби, Силвана Блажевска ги запозна гостите со проектите кои НУ Стоби ги реализираше во текот на оваа година како и со приоритетите за во иднина. Во работната посета беа презентирани храмот на Изида, Куќата со триклиниум, мозаикот во Куќата на Перистерија и мозаикот од синагогата како завршени конзерваторски зафати од една страна и Театарот, Епископската базилика и Полукружниот плоштад како локации каде што моментално се изведуваат археолошки истражувања по кои ќе следи конзервација. Министерката го потенцираше фактот што Стоби прерасна во национална установа која овозможува грижа за локалитетот на повисоко ниво и преку која успешно се имплементираат бројни проекти за археолошки истражувања и конзервација. Според министерката, дологорочна програма со приоритети и финансиски импликации ќе придонесе за Стоби да блесне во полн сјај. Во тој правец таа договори и состанок со раководството на НУ Стоби кон крајот на месецот.

 

Канчевска Милевска ги поздрави и студентите од различни светски универзитети кои учествуваат во интернационалната школа за археологија во организација на НУ Стоби и фондацијата Балканско Наследство од Стара Загора. Студентите учествуваат во истражувањата на Полукружниот плоштад под инструкција и супервизорство на вработените во НУ Стоби. 

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026