Во текот на минатата седмица отпочна проектот на НУ Стоби за конзервација, реставрација и реконструкција на источната половина од гледалиштето на театарот, истражувана изминативе четири години. Со конзервацијата се опфатени лежиштата за мермерни седишта во источната половина на ima cavea како и обрушените делови од радијалните и циркуларните ѕидови. Проектот ќе се одвива во текот на месеците октомври и ноември, а се очекува да продолжи напролет со реконструкција на сводовите над централниот радијален коридор, страничните простории и централниот циркуларен коридор. Во 2014 година ќе бидат конзервирани и делови од сценската зграда.
Во текот на наредните години, финалниот проект предвидува и реконструкција на мермерните седишта во источната половина на гледалиштето како последна етапа, откако ќе бидат конзервирани сите делови на објектот.
Проектот е финансиран од Министерството за култура во рамките на националната програма за проекти од областа на културата за 2013 година.