Во периодот од 2-ри до 5-ти октомври, директорот на НУ Стоби, г-дин Спасе Перовски, и вишиот кустос м-р Гоце Павловски, учествуваа на завршниот дел од програмата на наградата „Жива 2019 година“ за најдобар музеј и најдобар локалитет која ја доделува Форумот на словенски земји (FSC). Доделувањето на наградите се одржа во Бар, Црна Гора, каде номинираните музеи и локалитети имаа завршни презентации. Покрај презентациите, секој номиниран музеј или локалитет имаше и свој штанд со материјали за презентација. Археолошкиот локалитет Стоби беше единствен претставник од Република С. Македонија. Во рамки на номинацијата, кон крајот на 2018 година, беше изработено промотивно видео за Стоби, а во текот на март, локалитетот го посети жири комисија за наградата.
Во конкуренција од 25 кандидати, добитник на наградата за најдобар музеј е Државниот музеј на политичка историја (State Museum of Political History) од Санкт Петерсбург, а добитник на наградата за најдобар локалитет е воениот споменик „Тврдина на херојот од Брест“ (Brest Hero Fortress) од Белорусија. Номинацијата на Стоби беше одлична можност за воспоставување на контакт со различни музеи од словенските земји и разменување на идеи за подобрување на презентацијата и работата на институцијата генерално. Она што можеше да се заклучи е дека нашата држава треба да инвестира посериозни финансиски средства и да посвети големо внимание за подобрување на нашите музеи и локалитети со цел тие да бидат во чекор со современите текови на музејска презентација и иновативност.