На 24 септември, во работните простории на НУ Стоби се одржа специјалистичка обука-стручно техничко советување на тема КОНСОЛИДАЦИЈА НА КАМЕН И КАМЕНИ ГРАДБИ, како еден од поголемите собири во кој учествуваа околу 50-ина конзерватори од различни институции во Република Македонија. Обуката беше изведена на највисоко ниво, а предавањата ги водеше проф. Леонардо Борџоли, врвен конзерватор- хемичар од Фиренца Италија. Проф. Борџиоли презентираше најсовремени материјали во оваа област, како што се нано-малтерите, а интерактивниот пристап овозможи македонските конзерватори лично да ги тестираат и практично да се уверат во нивните својства и воедно да дискутираат за нивната примена. Покрај стручните лица, на настанот присуствуваа и претставници од Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство.
Во рамките на ова случување, Националната Установа Конзерваторски Центар Скопје, организираше работилница на тема „Методологија на конзерваторско реставраторска постапка за непосредна заштита на движните и недвижните културни добра“ водена од г-дин Латиф Озен, конзерватор-хемичар од Музејот на Анадолски цивилизации од Анкара.
Настанот се одвиваше во организација на АКАДЕМИЈА РЕСТАУРО, како специјализирана компанија во областа на конзервацијата и реставрацијата, во соработка со ЦТС - најголемиот производител на конзерваторско - реставраторска опрема во Европа и НУ Конзерваторски Центар Скопје со поддршка од Управата за заштита на културното наследство и Националната установа СТОБИ.