На 09 Декември 2013 г., Златко Кованцалиев и Димитар Николовски, археолози од НУ Стоби, учествуваа на работна конференција одржана во ректоратот на Универзитетот на Црна Гора, во Подгорица. Тие го презентираа начинот на одржување и менаџирање на археолошкиот локалитет Стоби од 2009 до 2013 г. Еднодневната работна конференција беше посветена на античкиот локалитет Дукља (Doclea) кој се наоѓа во близина на Подгорица. Целта беше да се привлече пошироко меѓународно внимание за потенцијалот кој го поседува овој антички град и истовремено да се презентираат нови начини на соодветна промоција и валоризација на археолошкиот локалитет. Конференцијата беше организирана од страна на Историскиот институт на Црна Гора и Музејот и галерија на Подгорица и во неа учествуваа претставници од Србија, Хрватска, Албанија, Македонија и Црна Гора.