Веќе четврта година по ред, НУ Стоби и фондацијата Балканско наследство организираат археолошка теренска школа во која партиципираат студенти и вљубеници во археологијата од целиот свет. Овогодинешната школа отпочна на 3 август со предавања за историја и археологија во Стоби и Македонија, како и презентации за начинот на теренска работа практикуван од НУ Стоби. По завршувањето на подготовките и расчистувањето на просторот, истражувањата отпочнаа во едeн од објектите близу Порта Хераклеја. Се ископуваат остатоци од куќа од втората половина на 6 век, односно од последната урбана фаза на Стоби, по која градот бил напуштен.
Програмата на школата предвидува две сесии од по 15 дена во кои учесниците ќе имаат можност директно да партиципираат во ископување на терен и креирање на теренска документација. Покрај истражувачкиот дел и предавањата, вклучени се и три екскурзии за запознавање со богатото културно наследство во Охрид, Битола и Штип. Во зависност од должината на престојот, учесниците добиваат сертификати и универзитетски кредити на крајот од двете сесии. Интернационалната теренска школа ќе заврши на 31 август.