Изминатава седмица во рамките на археолошките истражувања на храмот во Стоби беше откриена мермерна скулптура од 2-от век н.е. со претстава на божицата Изида. Скулптурата со височина од преку два метри е ремек дело на античката уметност, но нејзиното значење е уште поголемо поради фактот што конечно после четири години истражувања, со сигурност е определено божеството на кого му бил посветен сакралниот објект. За постоењето на светилиште на Изида во Стоби сведочеше еден натпис откриен во 1977 година, но се до 2008 година не беше позната неговата локација.
Изида е египетско божество чиј култ се проширува во Македонија и Медитеранот во текот на хеленистичкиот период и е актуелен до почетокот на доцната антика и доминацијата на христијанството. Во хеленистичкиот и римскиот период нејзиниот мистериски култ е синкретички и вклучува елементи и атрибути од други познати божици во грчко-римскиот пантеон. Таа најчесто е почитувана заедно со богот Серапис како мајка на целата природа, божица на небото, морето и подземјето. Култот на Серапис е исто така потврден во Стоби. Досега во Р. Македонија се познати две мермерни скулптури на Изида, откриени во Охрид. Храмот во Стоби е единствениот истражуван објект во Република Македонија во кој бил негуван култот на оваа божица.
Археолошките доистражувања на храмот и конзерваторските зафати се финансирани од Министерство за култура во рамки на годишната програма за остварување на националниот интерес во културата за 2012 година.