Новости

Археолошка школа 2022

јули, 28 2022 | Ioannes Stobaeus

 

Во периодот 25.06 до 23.07.2022 година во Стоби се одржа 11-та сезона од интернационалната школа за археологија, како дел од партнерството со бугарската невладина организација „Балканско наследство“ почнувајќи од 2010 година. 12 студенти од Канада, САД и Австралија беа дел од тренинг програмата за изучување на основните методи на археолошко ископување и изработка на теренска документација која вклучува теренски дневник, фотографија, фотограметрија, техничка документација, локус листи и теренски инвентар. Истражувањата се одвиваа на просторот меѓу Теодосијанската палата и т.н. Затвор, при што беа ископувани два објекти кои егзистирале на крајот од доцната антика и раниот среден век. Овие градби се одвоени со улица од Теодосијанската палата и во својата архитектура ги користат ѕидовите на т.н. Затвор. Истражувањата на овој простор започнаа во 2014 година како дел од интернационалната археолошка школа. Нивната цел е документирање на релацијата меѓу Теодосијанската палата и т.н. Затвор, како и истражување на „Затворот“ со што ќе се дефинира неговата намена, периодот на изградба и периодот на функционирање. Како потсетување, во 2019 година, за време на истражувањата на просторот во рамките на школата, беше откриена мермерна скулптура на Дионис која потекнува од 2-3 век, но била употребена како градежен материјал во ѕидовите од 6-7 век. Покрај теренската работа, програмата вклучуваше предавања за римската историја и археологија на Македонија, едукативни посети на Охрид, Битола и Скопје и изборна посета на Пела и Вергина.

 

Школата беше финансирана од донациите на учесниците, а ја реализираа стручни лица од НУ Стоби, Балканско наследство и универзитетот Квинс во Канада. 

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026