Во периодот од 29 јуни до 28 јули, петта година по ред, во Стоби се одржа летна интернационална школа за археологија како заеднички проект на НУ Стоби и фондацијата Балканско Наследство од Р. Бугарија. Во школата партиципираа вкупно 16 учесници од САД, Австралија, Канада и Велика Британија. Поголемиот дел од учесниците беа студенти по археологија или антропологија, а имаше и волонтери за кои како вљубеници во археологијата, учеството во археолошко ископување претставува незаборавно искуство.
Истражувањата се одвиваа во југозападниот крај на Теодосијанската палата, во правец кон т.н. „затвор“. Целта на ископувањата е комплетно да се истражи просторот помеѓу двата именувани објекти и да се дефинира нивната релација. Поради тоа, во наредните години истражувањата за време на школите ќе бидат концентрирани токму тука. Во текот на ископувањата во 2014 година, беше истражувана соба која била делумно ископувана во 30-те години, така што покрај ѕидовите беа документирани ровови исполнети со земја и современ материјал. Собата била доѕидана западно од апсидата на триклиниумот нешто подоцна од оригиналната изградба на објектот. Подните нивоа биле обновувани во повеќе наврати, а во текот на 6 век собата била преградена, односно поделена на две посебни простории. Беше поставена и сонда западно од просторијата, каде што беа документирани три последователни рушевински слоеви и три нивоа на газења од подоцнежни периоди. Ископувањата на сондата застанаа на културен слој кој е стратиграфски близок со подоцнежните фази на Теодосијанската палата. При ископувањата беа откриени фрагменти керамика, животински коски, фрагменти од стаклени садови, фрагменти од прозорско стакло, бронзени монети, железен врв од стрела и мала скулптурка од бел мермер со гола претстава на машко божество.
Преку директно учество во ископувањата, партиципиентите поминаа низ сите фази на обука за теренска работа при што беа запознаени со принципите на локус системот како контекстуален методолошки пристап. Покрај тоа, обуката опфаќаше и изработка на техничка и фото документација. Дел од учесниците беа инволвирани и во изработка на теренскиот инвентар на движни наоди. Во рамките од школата беа остварени и повеќе предавања на различни теми од историјата и културното наследство, а беа организирани и едукативни екскурзии во Битола (Хераклеја Линкестис), Охрид (Лихнидос) и Пела.
Во директната реализација на школата беа инволвирани м-р Силвана Блажевска од НУ Стоби како раководител на проектот, м-р Ангела Пенчева како координатор од Балканско Наследство и теренски инструктор, Јован Радњански како координатор од НУ Стоби и м-р Гоце Павловски од НУ Стоби како инструктор и теренски раководител. Националната установа Стоби им се заблагодарува на сите учесници за беспрекорната соработка и успешната реализација на проектот.
Кликнете тука за фотографии од школата.