Новости

Вратен мозаикот во Старата епископска базилика

декември, 09 2014 | Ioannes Stobaeus

 

Во периодот од месец aвгуст до месец ноември 2014 год., НУ Стоби ја реализираше финалната фаза од конзерваторско – реставраторските работи на мозаикот кој што го красел подот на најстарaтa ранохристијанска црква во Р. Македонија – Старата епископска базилика во Стоби.

 

Мозаикот бил изваден од оригиналната местоположба уште во далечната 1991 година и сè до денес не беше достапен за научната јавност и за посетителите на Стоби. Проектот за неговата финална конзервација, реставрација и презентација започна да се реализира во 2012 година, кога беше археолошки истражена целата површината под мозаикот во базиликата, а продолжи во 2013 година, кога извадените мозаички фрагменти беа поставени на нови носачи изработени од алуминиумско саќе. Во текот на оваа година, сите мозаички фрагменти кои што зафаќаат вкупна површина од 160м2 беа детално обработени по што истите беа подготвени за враќање на оригиналната местоположба во базиликата. За таа цел, за прв пат во историјата на конзервацијата и in situ презентацијата на мозаици, беше изградена слободно стоечка челична конструкција која што ја има улогата на нов носач на мозаикот. Челичната платформа беше изградена со цел да се спречат деструктивните влијанија на атмосферските и на капиларните води врз мозаикот, а воедно и за да не се нарушат постарите архитектонски структури кои што беа откриени под нивото на мозаикот. На овој начин беше обезбедена и целосна реверзибилност на конзерваторско-реставраторските процеси.

   

По враќањето на мозаичките фрагменти на оригиналната местоположба беше извршено финално спојување и ретуширање на фрагментите со цел да се долови автентичниот изглед на мозаикот. Тоа е последниот процес кој беше изведен во 2014 година, со што, речиси комплетно е завршена конзервацијата, реставрацијата и финалната презентација на најголемиот мозаик кој е откриен на територијата на Р. Македонија.

 

Буџетот на проектот изнесуваше 1 200 000 денари, од кои 400 000 се обезбедени од Министерството за култура на Р. Македонија во рамки на Годишната програма за финансирање на проекти од национален интерес, а 800 000 денари беа добиени по пат на донации како резултат на летнaтa интернационалнa школa за археологија која во јули ја организираа НУ Стоби и фондацијата Балканско наследство. Реализацијата на проектот се одвиваше под раководство на Драган Верговски Алпи од Националниот конзерваторски центар и Мишко Тутковски како координатор од НУ Стоби.

 

Галеријата од конзерваторските работи можете да ја погледнете тука.

 

Поврзано:

Завршен проектот за конзервација на мозаикот од Старата епископска базилика, септември 2013 г.

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026