Новости

Работилница „Конзерваторски материјали – од наука до примена“

ноември, 13 2024

 

Во периодот од 16-18 октомври 2024г. на археолошкиот локалитет Стоби се одржа работилница за Конзерваторски материјали – од наука до примена. Оваа работилница е проект на Националната Установа Стоби во годишна програма за работење на установите, поддржан од Министерство за култура реализиран под раководство на Билјана Јанкуловска Пеева, виш конзерватор во НУ Стоби. 

 

Организацијата на работилницата која претходеше на реализацијата на овој проект е извршена  во соработка со проектниот координатор Ивана Коцевска.


Активностите во работилницата беа организирани како предавања и практична работа. Предавањата беа фокусирани на керамиката како материјал, хемиските аспекти на конзерваторските материјали и основите методи и техники на конзервација на керамика и стакло, додека работилниците опфатија практична работа и запознавање со основните методи и техники на конзервација на  керамика и стакло.

 

Предавачи во рамки на работилницата беа проф. д-р Емилија Фиданчевски од лабораторија за керамика при Технолошко-металуршкиот Факултет - УКИМ, д-р Лидија Робева Чуковска од хемиската лабораторија при Националниот Конзерваторски Центар и Билјана Јанкуловска Пеева, виш конзерватор од НУ Стоби. Во програмата на работилницата активно се вклучи и доц. м-р Марија Сотировска Богдановска од Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Учесници во практичниот дел беа професионалци во областа од неколку музејски установи од земјава, една учесничка од ЈУ Музеј и галерија Будва. Р. Црна Гора, како и студенти од сродни факулетети. Гости на предавањата беа професори и студенти од Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и конзерватори од НУ Национален Конзерваторски центар во Скопје.

 

Оваа работилница со интердисциплинарен карактер, овозможи размена на знаења и искуства од неколку научни дисциплини помеѓу професионалците во дејноста, додека преку практичната работа на релики на керамички и стаклени садови допринесе во стекнување искуство со конзерваторските материјали и совладување на основните методи и техники на конзервација на керамика и стакло. 

 

Фотографии:

https://www.facebook.com/share/p/15AopuR2Lk/

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026