Новости

Конзервација на Теодосијанската палата во 2024 г.

декември, 05 2024 | Ioannes Stobaeus

 

Во текот на мај, октомври и ноември беше реализирана првата етапа од основниот проект за конзервација и реставрација на ѕидовите во Теодосијанската палата, кој е дел од поширокиот проект за конзервација на Теодосијанската палата, финансиран од американската фондација Џ. М. Каплан. Оваа година беа конзервирани ѕидовите на западните простории кои беа во многу лоша состојба. Конзервацијата се одвиваше под раководство на д-р Трајче Нацев, д-р Дејвид Керингтон, д-р Греам Обри и интернационален тим формиран од стручни лица (конзерватори, архитекти и археолози) од НУ Стоби, Националниот конзерваторски центар, Балканско Наследство и Скилингтон воркшоп (Skillington Workshop), односно С. Македонија, Бугарија, Велика Британија и Грција.

 

Посебно значајно е што за прв пат во Стоби, а веројатно и пошироко во регионот на Македонија, е аплициран пристапот на „conserve as found“ односно „конзервирај како што е најдено“. Ваквиот пристап подразбира конзервацијата на остатоците да се одвива со минимални замени на истрошен камен и малтер, со речиси идентични камења, исклучива употреба на варов малтер без цемент и запазување на обликот на ѕидот со сите негови карактеристики како нерамнини, форма и тип на камења, додатоци во малтер и облик на фуги. Со ваквиот пристап се консолидираат ѕидовите, се спречува нивното понатамошно распаѓање и истовремено се задржува автентичниот лик. Ова значи дека ѕидовите не се реконструираат и немаат „нов“, идеален облик како што е вообичаената пракса кај нас.  

 

Проектот се реализира во соработка со фондацијата Балканско наследство од Р. Бугарија, а координатори од НУ Стоби се д-р Силвана Блажевска и м-р Димитар Николовски.

 

За фотографии кликни тука.

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026