Новости

Конзервација на Театарот 2014

декември, 16 2014 | Ioannes Stobaeus

 

Од почетокот на септември до крајот на ноември, во Стоби се одвиваше втората сезона од Проектот за конзервација, реставрација и реконструкција на источната половина од гледалиштето на римскиот театар. Работите продолжија со довршување на конзервацијата и реконструкцијата на сводовите на ima cavea (долниот сегмент на гледалиштето), отпочната во 2013 година. Сводовите биле изградени помеѓу радијалните ѕидови со употреба на варов малтер и камен, а се потпирале директно на земја која е донесена од друга локација. Реконструкцијата на сводовите е изведена со употреба на автентични материјали како локален песочник откриен при истражувањата и нов малтер на база на вар.

 

Откако беа консолидирани сводовите, започна реконструкцијата на лежиштата врз кои биле поставени мермерните седишта. Реконструкцијата беше изведена во две етапи од кои првата опфаќаше реконструкција на челните делови од лежиштата, додека во втората етапа беа изведени косините на лежиштата. Реконструцкијата на лежиштата е базирана на сочуваните делови, така што во процесот се употребени кршен песочник, одбитоци од бел мермер и малтер на база на вар. Оваа година беа реконструирани вкупно 12 од 18-те оригинални редови. Највисоките 6 реда лежат врз сводот над централниот циркуларен коридор и тие ќе бидат реконструирани откако ќе биде конзервиран и реставриран сводот над коридорот во текот на 2015 година. Покрај лежиштата, оваа сезона беа конзервирани скалите во западната странична просторија и целосно реконструирани скалите во источната.

 

Паралелно со конзервацијата се одвиваа и археолошки ископувања во централниот циркуларен  и источниот радијален коридор со што беа добиени значајни податоци за изградбата на објектот, неговото функционирање во текот на 2-от и 3-от век, како и подоцнежното користењето на просторот откако театарот излегол од употреба. Театарот престанал да функционира кон крајот на 4-от век, по што започнува користењето на неговите ѕидови и коридори во рамките на новите доцно антички градби кои биле подигнати на овој простор.

 

Театарот во Стоби започнал да се гради кон крајот на 1-иот век од н.е., но е целосно завршен во првата половина на 2-от век од н.е.  Поради дијаметарот од близу 90 метри, капацитетот од 7 600 гледачи и високиот степен на сочуваност, објектот се вбројува во редот на најзначајните и секако најграндиозните споменици на римската архитектура на територијата на некогашната провинција Македонија.  

 

Проектот за конзервација на театарот беше финансиран со 1 600 000 денари од страна на Министерството за култура на Република Македонија, како дел од Годишната програма за остварување на проекти од национален интерес во културата за 2014 година. Овој проектот на НУ Стоби беше реализиран под раковдство на диа. Никола Шентевски, конзерватор советник, д-р Трајче Нацев од Универзитет Гоце Делчев, конзерватор советник и м-р Гоце Павловски од НУ Стоби, раководител на истражувањата на Tеатарот. 

 

За албум со фотографии од конзервацијата кликни тука.

 

Поврзано: Проектот за конзервација на Театарот продолжува напролет

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026