Во периодот од 15-ти август до 15-ти ноември 2018 година, во Стоби беше реализирана деветтата сезона на археолошки истражувања и шестата последователна сезона од Проектот за конзервација и реставрација на театарот.
Археолошките истражувања се одвиваа на просторот од супструкцијата на горниот сегмент од гледалиштето (summa cavea), поточно меѓу два радијални ѕида. Целта на истражувањата е да се утврди од кое ниво е подигнат овој дел на театарот, како функционирале коридорите под седиштата кои служеле за циркулација на публиката и како бил користен просторот по напуштањето на објектот. Со истражувањата во 2018 година беа констатирани подни нивоа од средниот век и доцната антика, а беа документирани и слоеви кои укажуваат на напуштеност на театарот и натрупување на градежен шут. Интересно е тоа што радијалните ѕидови се откриени во височина од околу 3,5 метри и сè уште продолжуваат длабоко надолу. Се очекува нивната сочувана височина да достигне најмалку 5 метри.
Конзерваторскo-реставраторските зафати на театарот беа фокусирани на источниот крај на долниот сегмент од гледалиштето (ima cavea). Тука беа конзервирани и реставрирани внатрешното лице на источната аналема, арката и сводот на спојот меѓу источниот радијален коридор и централниот циркуларен коридор, како и преостанатите 10-ина метри од сводот над централниот циркуларен коридор. Со тоа, реставрацијата на ѕидаријата во источната половина на ima cavea e доведeна во завршна фаза, односно преостанува уште реставрацијата на лежиштата за седишта. Во текот на следната сезона, во 2019 година, овој дел од театарот целосно ќе биде подготвен за реконструкција на мермерните седишта со враќање на стари оригинални блокови и нови блокови по урнек на старите.
Проектот беше финансиран од годишната програма на Министерството за култура за 2018 година со 1 300 000 денари, а активностите беа реализирани од стручен тим на НУ Стоби, надворешни соработници и членови на студентското здружение „Аксиос“. Фото - галеријата од ископувањата и реставрацијата можете да ja видите тука. За видео од проектот кликнете тука.
Стручен тим за археолошки истражувања:
м-р Гоце Павловски, НУ Стоби, стручен раководител на археолошките истражувања
д-р Силвана Блажевска, НУ Стоби, член на стручниот тим за археолошки истражувања
Димитар Николовски, НУ Стоби, член на стручниот тим за археолошки истражувања
Раде Атанасов, ЛУ Музеј-Кавадарци, член на стручниот тим за археолошки истражувања
Дарко Анѓелковски, апсолвент на археологија
Кристијан Тошевски, апсолвент на археологија
Јаким Доневски, дипломиран археолог
Дамјан Илиев, студент по археологија
Филип ван дер Флиер, апсолвент на историја на уметност
Стручен тим за конзервација и реставрација:
д-р Трајче Нацев, Универзитет Гоце Делчев, стручен раководител на конзерваторскиот проект
Тони Михајлов, НУ Музеј и Завод – Штип, мајстор-ѕидар
Стојче Велковски, НУ Стоби, мајстор-ѕидар
Ѓорѓи Златков, мајстор-ѕидар
Јоне Тушкалоски, мајстор-ѕидар
Филип Витанов, технички документатор
Техничка помош и опрема за фотограметрија:
Д-р Џорџ Беван, Универзитет Квинс, Кингстон, Канада
Кристен Џонс, Универзитет Квинс, Кингстон, Канада