Епископската базилика заедно со Крстилницата во стариот град Стоби го сочинуваат наголемиот, најзначајниот и највеличенствениот ранохристијански комплекс во Р. Македонија. Нивните архитектонски остатоци, мермерните декоративни елементи, мозаичните подови и ѕидната декорација ги следат достигнувањата во архитектурата и уметноста во Источниот Медитеран во доцната антика, обезбедувајќи значајни информации за историскиот и урбан развој на градот. Воедно ја потврдуваат неговата важност како главен град на провинцијата Македонија Секунда и значаен епископски центар. Всушност, станува збор за две Епископски базилики со неколку фази во изградбата и декорирањето: Старата епископска базилика од доцниот 4 век, Големата Епископска базилика, позната и како Базилика на епископот Филип или Базилика на тераса од доцниот 5 век и четирилисната Kрстилница на јужната страна која датира од 5 век.
Соодветната заштита и презентација на овие значајни градби подразбира внимателно планирани активности: финализирање на ископувањата, конзервација и реставрација на архитектонските остатоци, мозаиците, ѕидната декорација, мермерната декорација и поставување на нова заштитна покривна конструкција која ќе обезбеди максимална заштита на сите нејзини елементи.
Најпосле, наша обврска, а воедно и награда за сработеното, ќе биде публикување на резултатите од нашата работа, преку раскажаната приказна за овој прекрасен ранохристијански комплекс и значењето на неговата заштита.
Ова е трет амбасадорски грант за заштита на археолошкиот локалитет Стоби и втор од формирањето на Националната установа Стоби. Последните два се наменети за заштита на Епископската базилика. Во 2010 г., со помош на амбасадорскиот фонд беа конзервирани најстарите фрески во Старата базилика, додека, пак, амбасадорскиот фонд во 2016 г., помага за зачувување и враќање на автентичниот изглед на Крстилницата.
Главната цел на проектот е заштита на познатата Крстилница во Епископската базилика во Стоби од 5 век од н.е., особено нејзините три најзначајни декоративни и функционални елементи:
- прекрасниот мозаик на кој се претставени пауни и елени (илустрација на 41-от Псалм на Давид), најпрепознатливиот симбол на археолошкиот локалитет Стоби
- писцината (базенот за крштевање) и
- мермерните архитектонски елементи кои некогаш го држеле балдахинот над писцината.
Раководител на проектот е д-р Силвана Блажевска, а во проектот се вклучени експерти од различни области, конзерватори за мозаик, камен и архитектура, како и археолози и документатори, кои со својата посветеност допринесуваат да се постигне крајната цел, а тоа е зачувување на Крстилницата за идните генерации.