На 12 јуни отпочнаа работилниците за конзервација и документација на керамика и фрески во кои партиципираат осум учесници од САД и Велика Британија. Во првата седмица, учесниците во работилницата за конзервација на керамика се запознаа со основните методи преку составување и реконструкција на современи фрагментирани садови. Во текот на оваа седмица, тие ќе имат можност да конзервираат мали оригинални садови од римскиот период.
Во работилницата за конзервација на фрески, изминатата седмица се учеше документација на фреските пред нивното третирање како и запознавање со основните материјали во процесот на конзервација. Во наредните денови ќе бидат исчистени и конзервирани помали фрагменти на живопис од различни објекти во Стоби.
За викендот учесниците имаа организирани едукативни екскурзии во чии рамки тие посетија автентична керамичарска работилница во Велес, се запознаа со културното наследство во Прилеп, Битола и Охрид, при што во Охрид беше посетена и црквата Богородица Перивлепта каде што во моментот се одвива проект за конзервација на живописот.
Работилниците ќе траат до 25 јуни и се дел од соработката помеѓу НУ Стоби со Фондацијата Балканско Наследство и Новиот Бугарски Универзитет.