Новости

Најстарите христијански фрески во Р. Македонија

декември, 14 2010 | Ioannes Stobaeus

 

Главната цел на проектот „Конзервација и реставрација на ѕидното сликарство од Епископската базилика во Стоби“, спонзориран од Амбасадата на САД, е заштита на уникатните ранохристијански ѕидни слики од Епископската базилика (IV - V век). Ова се воедно најстарите христијански фрески во Република Македонија.

 

Проектот опфаќа повеќе фази од кои првата и втората се веќе завршени. 

 

Во рамки на првата фаза е направена хемиска анализа на пигментите и подлогата со примена на недеструктивни методи, односно микро Раман спектрометар. Од сите пигменти што беа анализирани, единствено зелениот бил веројатно увезен од Италија, од наоѓалиштата близу Верона и планината Балдо. Сите останати пигменти можат да се најдат на територијата на Република Македонија.

 

Анализата ја направи проф. д-р Билјана Минчева Шукарова од ForcaSpecsLab на Институтот за хемија при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“.

 

Втората фаза ја сочинуваат повеќе различни активности кои претходат на отстранувањето на фреските од јужниот ѕид на Старата епископска базилика (фотографирање in situ и техничко исцртување).

 

Битно е да се нагласи дека постојат два слоја на фрески (еден врз друг), што бара многу внимателен третман пред нивното отстранување. Втората фаза е многу слабо сочувана. Двете фази имаат слична декорација: полиња со имитација на мермерна инкрустација  помеѓу стилизирани Коринтски пиластри, изведени во комбинација на техниките al fresco и al secco(Види фото)

 

Третата фаза на проектот ќе започне во март 2011 година.

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026