Во периодот од јуни до ноември, тимот на НУ Стоби ја реализираше овогодинешната сезона од проектот за конзервација, реставрација, реконструкција и археолошки доистражувања на објектот римски театар во Стоби. Работите беа фокусирани на три дела односно конзервација на мермерните елементи од сценската зграда, конзервација и реставрација на носечките ѕидови под некогашните седишта од горниот дел на гледалиштето (summa cavea) и археолошки истражувања на западниот пародос.
Процесот на конзервација на мермерните елементи од сценската зграда вклучуваше in situ чистење и консолидирање на блоковите од подиумот и скалите на scaenae frons. Имено, овој дел од сценската зграда никогаш не бил предмет на конзервација и се наоѓаше во лоша состојба. Конзерваторот за камен од НУ Стоби, Мариана Филова, успеа да го врати првобитниот сјај на мермерните блокови и да го спречи нивното уништување. Конзервацијата на сценската зграда ќе продолжи догодина и со нејзиното комплетирање ќе биде отворена можност за анастилоза, односно исправање на оригиналните столбови и другите архитектонски елементи кои некогаш го сочинувале најраскошниот декоративен ансамбл на театарот.
Масивните ѕидови од супструкцијата под некогашните седишта од горниот сегмент на гледалиштето наместа се откриени до височина од 6 метри што укажува на исклучително висок степен на сочуваност на објектот, но од друга страна нивните горни партии, во височина од околу 2 метри, континуирано се распаѓаат. Во 2020 година, НУ Стоби започна со конзервација и реставрација на ѕидовите во источната половина и беа третирани 8 од 16-те откриени радијални ѕидови. Конзерваторските зафати во овој сегмент на театарот се реализираа под раководство на проф. д-р Трајче Нацев.
Археолошките истражувања во западниот пародос, односно западниот отворен коридор меѓу гледалиштето и сценската зграда, имаа за цел комплетно дооткривање на просторот кој бил истражуван во 1990-тите. Тимот археолози открија урнатини од ѕидовите на театарот кои се срушиле како резултат на земјотресот во Стоби околу 300 година од н.е. По земјотресот, театарот бил обновен, урнатините во западниот пародос биле затрупани и тука бил поставен нов под. На подот се откриени серија на дупки за дрвени столбови чија цел сѐ уште не е јасна. Толкувањето на ова откритие е отежнато поради изградба на ѕид од последните години на функција на театарот со кој просторот по должината на пародосот бил преполовен. Истражувањата се одвиваа под раководство на м-р Гоце Павловски од НУ Стоби и со учество на археолозите д-р Силвана Блажевска, Димитар Николовски и Катарина Петковски од НУ Стоби, како и м-р Викторија Андрееска и Раде Атанасов кои беа надворешни соработници.
Проектот за 2020 година е комплетно финансиран од Министерството за култура преку годишната програма за остварување на националниот интерес во културата со буџет од 3 500 000 денари. За следната 2021 година е предвидено довршување на конзервацијата на сценската зграда, конзервација на преостанатите откриени ѕидови и скали во горниот дел на гледалиштето и археолошки доистражувања помеѓу ѕидовите од горниот сегмент со цел откривање на нивоата на употреба и увид во системот на циркулација на публиката. Кликнете тука за фотогалерија.