Новости

Конзервација и истражувања на театарот во 2019 година

декември, 17 2019 | Ioannes Stobaeus

 

Активностите од Проектот за конзервација, реставрација и археолошки доистражувања на римскиот театар во Стоби се одвиваа во периодот од 15-ти мај до 17-ти ноември со финансиски средства од 3 800 000 денари од Годишната програма на Министерството за култура.

 

Археолошките истражувања беа фокусирани на супструкцијата на summa cavea, односно во два коридори помеѓу радијалните ѕидови и во сегмент од надворешниот циркуларен коридор. Овие коридори се лоцирани под горниот дел од гледалиштето и овозможувале пристап на публиката од надворешноста на објектот до седиштата. Истражувањата во 2019 година открија нови премини и скали кои ја потврдуваат тезата дека објектот имал сличен систем на циркулација со други објекти за масовна забава како амфитеатри и театри од западниот дел на империјата. По напуштањето на театарот во втората половина на 4-иот век, коридорите биле користени како дел од живеалиштата на населението и овие фази на употреба во најголем дел беа документирани оваа сезона. Дел од сочуваните ѕидови беа откриени до височина од околу 6 метри и сè уште не се целосно отворени.

 

Конзерваторско – реставраторските активности се одвиваа на два дела од театарот. Поголемиот дел од времето беше посветен на реставрација и реконструкција на долниот сегмент од гледалиштето, поточно на сводот над источниот радијален коридор и лежиштата за седишта од 12-иот до 18 ред. Исто така, 19 оригинални блокови од седишта, отстранети поради опасност при истражувањата во 2012 година, беа вратени во својата оригинална положба. Конзервацијата на ѕиданите делови од овој дел на театарот е комплетирана и овозможува реконструкција на мермерните седишта со што театарот ќе може да се ревитализира и да биде простор за современи културни настани. Вториот пункт каде што се работеше на заштитни интервенции е сценската зграда каде беа конзервирани остатоците од тремовите од првата фаза на објектот. Овие ѕидови, лоцирани на источниот и западниот крај, долго време беа изложени на атмосферски влијанија и се наоѓаа во лоша состојба. Со санацијата во 2019 година тие се целосно заштитени.

 

Проектот беше реализиран под раководство на д-р Трајче Нацев во делот на конзерваторските зафати и м-р Гоце Павловски во делот на археолошките истражувања. Во проектот учествуваа стручни лица од НУ Стоби, надворешни соработници, меѓу кои и стручни лица од Универзитетот Квинс во Канада, како и локални општи работници. За 2020 година е предвидено работите да се префрлат на ѕидовите од супструкцијата на горниот дел од гледалиштето и мермерните елементи на сценската зграда. За галерија од реализацијата на проектот кликнете тука.

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026