Новости

Истражувања, конзервација и реставрација на театарот во 2016-та

ноември, 11 2016 | Ioannes Stobaeus

 

           Во текот на април, мај и јуни на театарот во Стоби беше реализирана четвртата сезона од Проектот за негова конзервација и реставрација. Во првите два месеци беа изведени археолошки ископувања во централниот циркуларен коридор, како и во источниот радијален коридор. Целта на ископувањата беше документирање на нивоата од кои биле вкопани темелите на објектот, нивоата на кои се одвивала изградбата, како и нивоата на употреба и поправки. Интересно откритие под нивоата на театарот беа две водоводни линии со сочувани керамички цевки. Со овие ископувања се завршени археолошките истражувања на источната половина на ima cavea (долниот сегмент на гледалиштето) и следната година тие ќе продолжат во делот на summa cavea (горниот сегмент на аудиториумот).

            По завршувањето на ископувањата, во текот на јуни беше реставриран сводот над централниот циркуларен коридор во должина од околу 30 метри. Делот кој беше реставриран бил уништен откако театарот излегол од употреба, а камењата биле употребени на други места. Сочуваниот дел од сводот беше саниран во текот на септември и октомври со инјектирање, а неговата површина беше зајакната со употреба на карбонско платно. Со санацијата на сводот над коридорот е отворен простор за реставрацијата на лежиштата за седишта од 12-18 ред.  

            Паралелно со реализацијата на проектот, НУ Стоби ја финализираше и изработката на Проектот за конзервација и реставрација на сценската зграда чија реализација би можела да отпочне следната година со конзервација на најзагрозените делови од објектот.

            Ископувањата на театарот беа изведени под раководство на м-р Гоце Павловски од НУ Стоби и учество на Димитар Николовски од НУ Стоби, Раде Атанасов од ЛУ Музеј Кавадарци, Замир Мехмеди од НУ Стоби и Филип Витанов – апсолвент по архитектура како членови на стручниот тим. Конзервацијата беше реазлизирана под раководоство на д-р Трајче Нацев од Универзитетот Гоце Делчев во Штип и изведба на препараторот Тони Михајлов од НУ Музеј и завод Штип.

 

Проектот е финансиран од Министерството за култура на Република Македонија.

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026