Новости

AFCP Стоби: Конзервација на мозаикот во Крстилницата

септември, 07 2017

 

Крстилницата во Епископската базилика и мозаичниот под од средината на 5-от век на кој е илустриран 41-от Псалм на Давид, набргу по откривањето во 1971 г. станал најпрепознатливиот симбол на археолошкиот локалитет Стоби. Првите конзерваторски работи на мозаикот кои биле преземени набргу по откривањето, биле во согласност со тогашната пракса. Оттогаш не се преземени посериозни конзерваторски зафати, освен тековно одржување и превентивна заштита. Во текот на овој долг временски период, атмосферските влијанија и влагата предизвикале сериозни оштетувања на подлогата од варов малтер што резултирало со отпаднати тесери, пропаѓање и девијации на мозаикот. Тесерите, особено оние изработени од црн камен се исто така прилично оштетени. Затоа, конзерваторските зафати на мозаикот се итни и неопходни со цел да се обнови неговата структурна стабилност и да се зачува.

 

Проектот за конзервација и реставрација на познатиот мозаик со пауни во Крстилницата е подготвен пред неколку години. Работите на непосредна заштита започнаа во мај 2017 г., благодарение на Амбасадорскиот грант за заштита на културното наследство за 2016 г. Во проектот се вклучени шест конзерватори советници и помлади конзерватори, под раководство на Владимир Симеонов, овластен конзерватор за мозаик.

 

Откако просторот се подготви за работа и се набавени неопходните конзерваторски материјали и алати, конзерваторските зафати започнаа согласно прифатениот метод на конзервација in situ комбиниран со делумно подигање на најоштетените делови.

 

Најпрвин мозаикот е исчистен од прашина и нечистотии. По деталната анализа, се означени деловите кои треба да се подигнат. Јани Антониев, конзерватор советник во Националниот конзерваторски центар е задолжен за т.н. сув ретуш, односно внимателна замена на оштетените темносиви и црни тесери.

 

Останатите членови на тимот работат на замена на цементиот малтер со кој биле пополнети лакуните на мозаикот во текот на кознерваторските зафати во 1970-тите години. Лакуните се оштетени делови на мозаикот каде тесерите сосема недостасуваат, состојба во која бил откриен. Лакуните вообичаено се пополнуваат со истиот малтер како и подлогата за мозаикот, но во минатото често бил употребуван цементен малтер. Бидејќи современата пракса се залага за употреба на автентични материјали, стариот малтер во лакуните мора да се замени со хидростатен варов малтер. Целиот процес на работа внимателно се документира.

 

Галеријата може да ја видите на следниот линк: https://www.facebook.com/pg/Stobaeus/photos/?tab=album&album_id=1539313412791586

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026