Новости

AFCP Стоби: Конзервација на мермерните елементи од Крстилницата

август, 31 2017

 

Проектот „Заштита на Крстилницата во Епископската базилика во Стоби“ започна во февруари 2017 г., кога тим од конзерватори за камен почнаа со чистење на мермерните елементи кои го држеле балдахинот над базенот за крштевање.

 

Дванаестте фрагментирани столбови и нивните елементи – бази, стебла и капители биле откриени во текот на истражувањата на Крстилницата во 1971 г., предводени од професорите Џејмс Вајсман и Ѓ. Мано-Зиси и тимот на американско-југословенски археолози. Шест помали столбови стоеле врз ѕидот на базенот за кршевање, а шест поголеми столбови биле поставени директно врз мозаичниот под веднаш до ѕидот на писцината. По документирањето, тие биле складирани на отворен простор во близина на Крстилницата, изложени на атмосферски влијанија, вегетација и аерозагадување.

 

Целта на проектот е да се изведат конзерваторско-реставраторски зафати на мермерните столбови, што подразбира неколку активности: чистење, составување на фрагментите, реставрација на деловите кои недостасуваат и анастилоза, односно поставување во нивната оригинална позиција.

 

Откако фрагментите беа транспортирани од Крстилницата во лабораторијата близу Црна Река, беа преземени првите активности, односно чистење на површината од лишаи, мов и други нечистотии. Чистењето е извршено со чистач на пареа и дестилирана вода, додека, пак, местата каде има дебели и цврсти наслаги беа обложени со пулпа натопена во благ раствор од калциум хипохлорид. По третманот со растворот, пулпата е отстранета со дестилирана вода и чистач на пареа. Во ретки случаи каде наслагите се многу дебели и цврсти се употребува механичко чистење со четки и медицински скалпел. Процесот на чистење трае и се повторува сè додека не се постигне задоволителен степен на чиста површина и додека не се сопрат деструктивните процеси кои ги предизвикуваат лишаите и мовта. Повеќето фрагменти се консолидирани по чистењето со што парчињата се подготвени за следниот чекор односно лепење и реставрација на деловите кои недостасуваат.

 

Исчистените фрагменти се лепат со епоскидна смола, додека пак споевите се пополнуваат со смеса од акрилна смола (Paraloid B72) и мермерно брашно. На смесата вообичаено се додава пигмент за да се постигне приближно слична нијанса на оригиналниот мермер. Потоа површината се полира за да се отстрани вишокот од смесата за полнење.

 

Реставрацијата на парчињата кои недостасуваат побарува повеќе време заради изработка на калапи од глина, гипс и силиконска гума. Потоа парчето кое недостасува се лие во калапот од полиестер со додаден пигмент за да се постигне бојата на оригиналниот мермер. Сепак, се задржува правилото во реставрацијата според кое реставрираниот дел треба да се разликува по боја и текстура од оригиналот. Целиот процес го изведуваат овластени конзерватори за камен – Стеван Илијевиќ и Горан Ивановски. Од август кон тимот се приклучи и Мариана Филова, конзерватор за камен од НУ Стоби.

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026