Во периодот од 28 до 30 септември 2020 година на археолошкиот локалитет Стоби се одржа Работилницата од областа на Античката и Современата култура (РАСК), организирана од Комисија за наука при универзитетското студентско собрание на УКИМ и Студентско археолошко здружение „Аксиос“ – Скопје, заедно со факултетските студентски собранија на ФЗФ, ФЛУ и ПМФ.
На работилницата учествуваа по пет студенти од Институтот за Историја на уметност и археологија, Институтот за Етнологија и антропологија и Факултетот за Ликовни уметности. Учесницита на оваа работилница имаа извонредна можност одблиску да го запознаат археолошкиот локалитет Стоби, различните наоди и истражувања (од културна, духовна и уметничка вредност), како и да го согледаат потенцијалот на нивните (посебни) струки во овој поширок контекст и да го надградат своето знаење и искуство.
Активностите беа поделени во два дела: теоретски, исполнет со предавања на разни теми и практичен дел, кој вклучуваше неколку активности за учесници на археолошкиот локалитет.
Првиот ден се состоеше од предавања за:
- Историјат на истражувањата на Стоби и историјат на Македонија и Стоби во римско време, на кои низ реконструирани скици беше претставен развојот на градот и сите ископувања кои се направени до денес. За сето тоа да се сфати подобро, завршивме со теренско шетање и објаснување, со кое преку примери беа покажани информациите пренесени на предходните предавања.
Вториот ден пак се состоеше од предавања за:
- Римска керамика од Стоби - технологија и типологија, односно влијанијата на источната и западната керамика која се носела на Стоби и се користела во секојдневниот живот.
- Предмети од коска - начинот на изработка на предмети кои се користеле во облеката, игли, делови од тогашен разбој, фурка, вретено итн.
- Предавање за римско стакло - предмети во кои се чувале парфеми, масла и секаков вид на течности, односно предноста која ја имале стаклените предмети пред керамичките.
На третиот и последен ден завршивме со предањето Улогата на црквата во секојдневниот живот. Денот започна со предавање за мозаикот на Стоби, а потоа сите учесници беа поделени во три групи и имаа можност да чистат дел од мозаик кој се конзервира, како и да кршат мермер на тесери кои беа потребни за изработка на мозаик и на крајот сите да учествуваат во неговата изработка.
Предавачи беа вработените од НУ Стоби: Гоце Павловски, Јован Радњански, Златко Кованчалиев, Димитар Николовски, Мишко Тутковски и Томе Филов.