Успешно завршија конзерваторските активности за 2026 година во Резиденцијален и комерцијален кварт од рановизантискиот период во Стоби. Работите, кои се одвиваа во периодот од 1 до 30 октомври, беа насочени кон конзервација на неколку помали ѕидни партии, како и повторни конзерваторски интервенции на ѕидови кои биле предмет на конзервација во претходните години.
Со завршувањето на годинешните активности е постигната уште една значајна цел – целосно е заокружен повеќегодишниот проект за конзервација на два објекта во рамките на Резиденцијален и комерцијален кварт. Преку последователните конзерваторски кампањи, проектот придонесе за долгорочна заштита и зачувување на овој значаен дел од рановизантиската урбана структура на Стоби.Конзерваторските кампањи се реализирани со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам, чија континуирана поддршка има значајна улога во зачувувањето на овој важен дел од археолошкиот локалитет.
Завршувањето на овој проект претставува уште еден важен чекор во континуираните заложби за заштита и зачувување на архитектонското наследство на Стоби. Воедно, придонесува кон постепената конзервација и презентација на Резиденцијален и комерцијален кварт, овозможувајќи појасен увид во урбаната организација и секојдневниот живот во градот во текот на рановизантискиот период.

© Copyright - NI Stobi
Powered by Elbosoft Consulting DOOEL