Завршија археолошките истражувања на Теодосијанската палата во 2026 во Стоби

Во периодот од 3 септември до 30 октомври 2026 година, НУ Стоби реализираше археолошки истражувања на Теодосијанската палата, еден од најрепрезентативните доцноантички резиденцијални комплекси откриени на локалитетот. Истражувањата се дел од поширокиот проект за конзервација и презентација на архитектонските остатоци од овој објект.

Годинешните истражувања беа насочени кон пет простории, при што најголем дел од активностите опфатија повторно откривање, истражување и документирање на простори претходно опфатени со постарите археолошки кампањи. Добиените резултати придонесуваат за подобро разбирање на архитектонскиот развој и различните фази на користење на комплексот.

Меѓу позначајните наоди се издвојува откриената подлога за мозаичен под или под изведен во техниката cocciopesto во една од просториите. Во други две простории беа откриени остатоци од постари градби и канали за одводнување, кои даваат значајни податоци за архитектонските фази што ѝ претходеле на изградбата на Теодосијанската палата. Истражувањата овозможија и попрецизно дефинирање на југозападниот влез во комплексот.

Резултатите од истражувањата ќе придонесат за поцелосно согледување на градежната историја на палатата и ќе обезбедат значајна документација за понатамошните конзерваторски активности.

Археолошките истражувања се реализираа како дел од поширокиот проект за конзервација на Теодосијанската палата, кој НУ Стоби го спроведува во соработка со Фондацијата „Балканско наследство“, со финансиска поддршка од Фондот „Џ. М. Каплан“ и Ancient Rome Live.

археолошки истражувања во Теодосијанска палата 2026