Заврши 17-та сезона на археолошки истражувања на театарот во Стоби

Во периодот од 31 август до 30 октомври 2026 година, НУ Стоби ја реализираше 17-та сезона на археолошки истражувања на театарот. Активностите се одвиваа во рамките на проектот „Конзервација, реставрација и археолошки доистражувања на Римскиот театар“, кој континуирано се финансира од 2013 година преку Годишната програма на Министерството за култура и туризам.

Овогодинешната сезона беше одбележана со завршувањето на истражувањата на „најдлабоката“ точка досега, односно просторот под дијазомата (патеката што го дели гледалиштето), помеѓу радијалните ѕидови 21 и 22 во summa cavea (горниот сегмент на гледалиштето). Ископувањата на оваа позиција започнаа во 2019 година, но во меѓувреме беа прекинати поради други приоритети на проектот.

Со нивното завршување, археолозите успеаја детално да ја документираат историјата на изградбата на овој дел од објектот. Идентификувани се две нивоа на градежни активности, три црвени линии користени како репери при градењето, како и околу пет различни „мајсторски ракописи“, препознатливи според начинот на изведба на фугите на различни висински нивоа. Овие сведоштва се поврзуваат со првите две градежни фази, датирани кон крајот на I век и во втората четвртина на II век од н.е.

Особено значајни се новите сознанија за првичната организација на движењето на публиката. Истражувањата покажаа дека во првата градежна фаза бил предвиден поинаков систем на комуникација и пристап до гледалиштето, кој бил изменет при изградбата на втората фаза. Откриен е премин што бил заѕидан при изградбата на скалите што го поврзувале надворешниот циркуларен коридор со дијазомата.

Документираната максимална висина на зачуваните ѕидови изнесува околу 8,4 метри, од некогашните приближно 20 метри.

Паралелно, археолошки истражувања се спроведуваа и во надворешниот циркуларен коридор, како и во просторот помеѓу радијалните ѕидови 23 и 24. На овие позиции беа документирани повеќе подни нивоа од набиена земја, кои припаѓале на живеалишта од доцната антика и средниот век, изградени во коридорите по престанокот на првичната функција на театарот.

На подовите и во археолошките слоеви помеѓу нив беа откриени фрагменти од керамички и стаклени садови, бронзени монети и предмети изработени од коска. Покрај грнчарските садови за готвење, особено се издвојуваат две северноафрикански чинии од VI и почетокот на VII век, кои претставуваат значајно сведоштво за употребата на просторот и за трговските врски на Стоби во доцната антика.

Овие откритија придонесуваат за подобро разбирање на архитектонскиот развој на театарот, како и на промените во користењето на просторот во вековите по престанокот на неговата првична функција.

Конзерваторските активности ќе продолжат до средината на ноември 2026 година, додека археолошките истражувања и зафатите за заштита на овој монументален споменик ќе продолжат и во 2027 година, во рамките на новата годишна програма.