Со доаѓањето на постудените денови, мозаиците во археолошкиот локалитет Стоби се покриени со што се обезбедува нивно зачувување во текот на зимскиот период.
Покривањето на мозаичните површини е редовна сезонска активност што се спроведува со цел да се намали нивната изложеност на неповолните временски услови, особено на ниските температури, влагата, врнежите и температурните осцилации. Овие влијанија можат да предизвикаат оштетувања на мозаиците, поради што нивната соодветна заштита е важен дел од континуираната грижа за културното наследство на локалитетот.
Мозаиците ќе останат покриени до април 2027 година, кога повторно ќе бидат откриени и достапни за разгледување од посетителите.
Иако во текот на зимските месеци дел од мозаичното наследство нема да биде видливо, грижата за неговото зачувување продолжува.