Во периодот од 18-ти април до 20-ти јули, НУ Стоби реализираше 94% од финансиските средства во износ од 1.600.000 денари, за реализација на 10-тата сезона од проектот за Конзервација, реставрација и доистражувања на римскиот театар во Стоби. Средствата се обезбедени од годишната програма на Министерството за култура за 2022 година.
Археолошките истражувања и конзерваторските зафати се одвиваа на просторот на источната половина на summa cavea, односно помеѓу радијалните ѕидови од супструкцијата на горниот дел од гледалиштето. Во 2021 година, на овој простор беа откриени остатоци од две фази на скали кои воделе од надворешниот циркуларен коридор, директно на патеката меѓу двата сегмента на гледалиштето, а во 2022 година беа истражувани слоевите и нивоата поврзани со изградбата на скалите. Исто како и во 2021 година, беа истражувани и нивоа на употреба на просторот меѓу радијалните ѕидови, формирани по напуштање на театарот, односно во текот на доцната антика и средниот век. Ископувањата беа својство на конзерваторско- реставраторските зафати со цел отворање на сите оштетени делови на ѕидовите.
Работите на непосредна заштита, односно конзервација и реставрација се одвиваа на трите најоштетени радијални ѕидови и сегменти од циркуларниот ѕид IV, кај кои постоеше сериозна опасност од рушење. Покрај работата на ѕиданите делови на театарот, продолжија и работите на конзервацијата на мермерните елементи од scaenae frons со пополнување на пукнатините на блоковите и спречување на нивното понатамошно уништување. Работите на scaenae frons се стопирани поради високите температури и ќе продолжат во септември сè до комплетното реализирање на преостанатите 6% од одобрените средства.
Театарот во Стоби бил еден од најголемите објекти за масовна забава во римската провинција Македонија кој можел да прими околу 7 000 гледачи. Изграден е многу блага падина и има комплексна супструкција под гледалиштето каде што се лоцирани и коридорите за циркулација на публиката. Максималната зачуваност на ѕидовите изнесува околу 6 до 7 метри од некогашните максимални 20 метри. Истражувањата на НУ Стоби на објектот започнаа во 2009 година, а конзерваторско реставраторските зафати во 2013 година.